Данската премиерка Мете Фредериксен ќе престојува на Гренланд од среда до петок со цел зајакнување на единството со оваа автономна покраина на Арктикот, која американскиот претседател Доналд Трамп сака да ја присоеднини, соопшти нејзиниот кабинет.
Посетата следува откако Гренланд формираше нова коалициска влада, а ден по тоа, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изрече критики кон Данска за наводната неактивност во врска со оваа автономна данска територија.
„Со нетрпение очекувам продолжување на блиската и доверлива соработка меѓу Гренланд и Данска со новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен“, изјави данската премиерка.
Според нејзините зборови, Гренланд поминал успешен демократски процес и формирал проширена влада.
Џеј Ди Венс во петокот го отфрлил користењето сила за да се овозможи САД да го заземат Гренланд, нагласувајќи дека Вашингтон ќе постигне договор со жителите на островот.
Жителите на Гренланд, кои тежнеат кон независност, претходно се изјасниле дека не се чувствуваат ниту како Данци, ниту како Американци, туку како граѓани на Гренланд.