Говорејќи за претстојната посета на висока американска делегација на оваа данска територија, Фредериксен изјави дека очигледно тоа не е нешто што Гренланду му е потребно или што тие го сакаат.
На Гренланд утре треба да допатуваат Уша Ванс, сопруга на американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Ванс, советникот за национална безбедност Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт.
„Затоа морам да кажам дека неприфатлив е притисокот што се врши врз Гренланд и Данска, и ќе се спротивставиме на тоа“, изјави премиерката, пренесува „Политико“.
Фредериксен истакна дека претставниците на Гренланд биле јасни дека „не сакаат посета во овој момент, бидејќи сè уште немаат влада“, по изборите што се одржаа на почетокот на март.
Таа напомена дека Трамп е сериозен кога зборува за превземање на Гренланд, што го смета за реална закана, но истакна дека не е потребно да се заоструваат односите, бидејќи и Данска и Гренланд сакаат да соработуваат со САД.
„Ние сме сојузници, имаме договор за одбрана на Гренланд од 1951 година. Ниту во Данска, ниту во Гренланд нема знаци дека не сакаме да соработуваме со Американците“, рече Фредериксен.