Данска воведе забрана за летови со цивилни дронови, откако дронови биле забележани во текот на ноќта во близина на неколку воени објекти. Ова следи по една недела во која дронови предизвикаа привремено затворање на повеќе дански аеродроми.
Данската војска соопшти дека како одговор на ноќните набљудувања кај базите, распоредила „неколку капацитети“, но не даде детали за природата на реакцијата, пренесува агенцијата Ројтерс.
Летовите на дронови порано оваа недела ја принудија Данска да затвори неколку аеродроми, вклучувајќи и речиси четиричасовно затворање на аеродромот во Копенхаген во понеделникот.
Данските власти ги означија овие инциденти како дел од „хибриден напад“. Иако не е официјално посочено кој стои зад тоа, премиерката Мете Фредериксен посочи дека Русија би можела да биде вмешана, нарекувајќи ја „главна закана за европската безбедност“. Кремљ ги негираше обвинувањата.
Според новата забрана, цивилните дронови нема да смеат да летаат во данскиот воздушен простор од понеделник до петок наредната недела, во период кога Данска, која во моментов претседава со ЕУ, ќе биде домаќин на европски лидери.
„Во моментов се наоѓаме во сериозна безбедносна ситуација и мораме да обезбедиме најдобри можни услови за работа на вооружените сили и полицијата, додека тие се задолжени за безбедноста за време на самитот на ЕУ,“ изјави министерот за одбрана, Труелс Лунд Поулсен, во соопштение.
Данска во среда ќе биде домаќин на лидерите на ЕУ, а во четврток и на самитот на пошироката Европска политичка заедница, која брои 47 членки и е формирана за да го зајакне поврзувањето меѓу ЕУ и други пријателски европски држави по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Германски противвоздушен фрегат пристигна во неделата во Копенхаген со цел да помогне во надгледувањето на воздушниот простор за време на овие високопрофилни настани.