Данска прва во Европа воведе закон за заштита од deepfake содржина

Данска одлучи да се справи со ширењето на deepfake содржина создадена со помош на вештачка интелигенција.

Данската влада објави измени во законите за авторски права за да се спречи создавањето и ширењето на deepfake содржина создадена со помош на вештачка интелигенција, со јасна порака: секој има право на свое тело, црти на лицето и глас.

Како што беше најавено, Данска планира да го воведе првиот закон од ваков вид во Европа, кој дополнително ќе го заштити дигиталниот идентитет на граѓаните. Владата веќе обезбеди широка политичка поддршка во парламентот, а Министерството за култура планира да го испрати нацрт-законот на јавна дебата пред летната пауза, додека предложените измени официјално би биле поднесени на есен.

Законот го дефинира deepfake како високо реалистична дигитална репрезентација на една личност, вклучувајќи го нејзиниот изглед и глас.

Министерот за култура Јакоб Енгел-Шмит изјави за Гардијан дека се надева дека законот ќе испрати недвосмислена порака дека секој има право на начинот на кој изгледа и звучи.

„Во нацрт-законот, јасно велиме: секој има право на своето тело, својот глас и своите црти на лицето, а тоа право очигледно не е доволно заштитено со сегашните закони во контекст на генеративната вештачка интелигенција“, рече Енгел-Шмит.

Како што додаде, луѓето буквално можат да се протнат низ дигитален фотокопир и да го злоупотребат за разни цели.

„Не сум подготвен да го прифатам тоа.“

Поддршка од 90 проценти од пратениците

Оваа иницијатива, која има поддршка од околу 90 проценти од пратениците, доаѓа во време кога технологиите за вештачка интелигенција напредуваат екстремно брзо, олеснувајќи го креирањето лажни, но веродостојни слики, видеа и аудио снимки што имитираат друго лице.

Планираните измени во законот ќе им овозможат на данските граѓани да бараат отстранување на таквата содржина од онлајн платформите, доколку е објавена без нивна согласност.

Законот ќе се применува и на дигитално генерирани имитации на уметнички изведби, доколку се објавени без дозвола од авторот. Во случај на прекршување на овие правила, жртвите ќе имаат право на надомест.

Владата нагласи дека новите правила нема да важат за пародии и сатира, кои сепак ќе бидат дозволени.

„Секако дека влегуваме во непозната територија, но доколку платформите не се придржуваат кон овој закон, подготвени сме да преземеме дополнителни чекори“, рече Енгел-Шмит.

Тој изрази надеж дека другите европски земји ќе го следат данскиот пример. Како што најави, Данска планира да го искористи претстојното претседателство со Европската Унија за да го претстави овој план на другите членки.

Тој, исто така, предупреди дека технолошките платформи кои не постапуваат во согласност со законот би можеле да бидат казнети со високи парични казни, а случајот би можел да се префрли на ниво на Европската комисија.

„Затоа верувам дека технолошките компании ќе го сфатат овој закон многу сериозно“, заклучи данскиот министер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни