Данското воено раководство потврди дека вооружените сили на Данска ќе пружат отпор ако САД се обидат да извршат инвазија на Гренланд, што би можело да доведе до директен судир меѓу два НАТО сојузници.
Според весникот Berlingske, војската има постојани инструкции да се спротивстави на било каков вооружен обид за преземање на Гренланд – дури и ако потекнува од Соединетите Американски Држави – врз основа на кралски декрет од 1952 година, донесен во времето на Студената војна и сè уште во сила.
Овој декрет е создаден за да спречи Данска да биде изненадена, како што се случи за време на нацистичката окупација во Втората светска војна. Според него, единиците веднаш треба да започнат борба ако националната територија или данските војници во странство бидат нападнати, дури и без формално прогласување војна.
Наредбата нагласува дека единиците мора „без одлагање да започнат со борба“ и да продолжат со отпорот за време на мобилизација на пошироки сили. Исто така, полицијата е обврзана да ја поддржи војската во спречување на внатрешна соработка со непријателот, а припадниците на гардата веднаш мора да се јават на должност.
Законски е утврдено дека данските војници не смеат да ги почитуваат наредбите на власти кои се заробени или оневозможени од непријателот.
Во вторникот, Белата куќа повторно истакна дека преземањето на Гренланд „е прашање на национална безбедност“, додавајќи дека „употребата на американската војска секогаш е опција на располагање на врховниот командант“.
