Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Данска не може да преговара за сопствениот суверенитет, откако беше објавен нов рамковен договор на НАТО за безбедноста на Арктикот, кој, според најавите, не вклучува употреба на сила од страна на САД за преземање на Гренланд.
Во писмено соопштение, Фредериксен оцени дека безбедноста на Арктикот е прашање од заеднички интерес за целата Алијанса и дека е „добро и природно“ за тоа да разговараат американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Таа посочи дека е во редовна комуникација со Руте и дека со него разговарала и пред и по неговата средба со Трамп, одржана на маргините на Светски економски форум во Давос.
„Безбедноста на Арктикот е прашање за целиот НАТО. Затоа е добро и природно оваа тема да биде дел од разговорите меѓу генералниот секретар и претседателот на САД. Кралството Данска со години се залага НАТО да го зголеми својот ангажман во Арктикот“, се наведува во соопштението.
Фредериксен нагласи дека данската влада во текот на целиот процес била во тесна координација со владата на Гренланд и дека Алијансата е целосно запознаена со ставот на Кралството Данска.
„Можеме да разговараме за сите политички прашања (безбедност, инвестиции, економијаО но не можеме да разговараме за нашиот суверенитет. Информирана сум дека тоа не било тема на разговор“, изјави данската премиерка, додавајќи дека само Данска и Гренланд имаат право да носат одлуки кои се однесуваат на нив.
Во соопштението се додава дека Данска сака да продолжи со конструктивен дијалог со сојузниците за зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и околу американските безбедносни иницијативи, но исклучиво со целосно почитување на данскиот територијален интегритет.
Изјавите доаѓаат по вчерашниот пресврт на американскиот претседател Трамп, кој на форумот во Давос соопшти дека е постигнат нов рамковен договор со НАТО за арктичката безбедност и најави повлекување на претходно закануваните царини за осум европски земји. Сепак, деталите за договорот и натаму остануваат нејасни, пренесува агенцијата AP.
