Данска и САД: „Суштински разлики околу Гренланд“

Сојузниците во НАТО ја зајакнуваат поддршката за Данска додека Трамп повторно зборува за преземање на арктичкиот остров

Неколку земји-членки на НАТО започнаа со распоредување помал број војници на Гренланд, во рамки на заеднички воени вежби со Данска, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги засилува изјавите за можноста САД да го „преземат“ арктичкиот остров.

Изјавите на Трамп предизвикаа сериозна дипломатска и безбедносна напнатост во рамки на алијансата, отворајќи ја можноста најмоќната членка на НАТО да покаже територијални амбиции кон територија што ѝ припаѓа на друга членка. Данска, која е одговорна за одбраната на Гренланд, предупреди дека евентуален напад врз островот би значел практичен крај на НАТО.

Зголемено воено присуство и дипломатски чекори

На 14 јануари, Копенхаген соопшти дека го проширува своето воено присуство на Гренланд „во тесна соработка со НАТО-сојузниците“. Германија, Шведска, Франција и Норвешка потврдија дека оваа недела ќе испратат ограничен број војници за заеднички вежби со данските сили.

Паралелно, Канада и Франција најавија дека во наредните недели ќе отворат конзулати во Нук, главниот град на Гренланд, потег што дополнително ја нагласува зголемената меѓународна чувствителност околу статусот на островот.

Сите овие активности се совпаднаа со посетата на данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен на Вашингтон, каде што се одржаа разговори за иднината на Гренланд.

„Постои суштинско несогласување со САД околу Гренланд“, изјави Расмусен по средбите во Белата куќа. Тој оцени дека разговорите со потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио биле „отворени, но конструктивни“, но истакна дека инсистирањето на Трамп за присвојување на островот е „целосно неприфатливо“.

„Многу јасно ставивме до знаење дека тоа не е во интерес на Данска“, додаде Расмусен.

Арктикот како ново геополитичко жариште

Иако ретко населен, Гренланд има клучна геостратешка позиција меѓу Северна Америка и Арктикот, што го прави важен за системите за рано предупредување од ракетни напади и за надзор на поморските рути. Трамп повеќепати изјави дека островот е „од витално значење за националната безбедност на САД“, тврдејќи дека во спротивно би можел да падне под влијание на Русија или Кина.

Едночасовната средба меѓу претставници на САД, Данска и Гренланд не донесе конкретен напредок, договорено е формирање висока работна група која во наредните недели ќе се обиде да најде компромис околу идниот статус и безбедносната соработка.

Данска и Гренланд, според Расмусен, се отворени за можноста САД да изградат дополнителни воени бази на островот, но со јасно дефинирани „црвени линии“. САД и сега имаат воена база на северозападниот дел од Гренланд, со над 100 војници, согласно постојните договори со Данска.

Сепак, данската дипломатија признава дека иако безбедносните предизвици на Арктикот се реални, тврдењата за присуство на руски и кинески воени бродови околу Гренланд „не се точни“.

Јавноста против анексија

Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани на Гренланд се против евентуална американска анексија. Ист став дели и американската јавност. Според анкета на Ројтерс/Ипсос од 14 јануари, само 17 отсто од Американците ја поддржуваат идејата САД да го преземат Гренланд, додека 47 отсто се изјасниле против.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни