Данска размислува за укинување на забраната на нуклеарната енергија за да ја зголеми својата енергетска безбедност

Данска размислува за укинување на 40-годишната забрана за нуклеарна енергија за да ја зголеми својата енергетска безбедност, изјави нејзиниот министер за енергетика, Ларс Агард, што означува значајна промена на политиката во земјата која во минатото даваше приоритет на проширувањето на енергијата од ветер и сончева енергија.

Данската влада ќе ги анализира потенцијалните придобивки од новите технологии за нуклеарна енергија, а се очекува извештајот да биде готов следната година, изјави министерот за клима, енергија и комунални услуги Ларс Агард за данскиот весник „Политикен“ во интервју што вчера беше објавено.

-Гледаме дека се развиваат нови технологии за нуклеарна енергија – мали, модуларни реактори, рече Агард во интервјуто, што неговото министерство го потврди денеска.

„Но, не е доволно што имаат потенцијал. Мора да знаеме и што значи ова за данското општество ако сакаме да ги овозможиме овие технологии“, рече тој.

Агард ја отфрли идејата дека традиционалните технологии за нуклеарна енергија ќе се вратат во Данска, која ги забрани во 1985 година.

„Продолжуваме со енергетската политика што во земјата ја спроведуваме со години. Сончевата енергија и енергијата на ветерот се најевтиниот и најбрзиот начин за зелена транзиција“, додаде Агаард.

Во 2005 година, Данците славеа кога соседна Шведска го затвори нуклеарниот реактор Барсебак 2, лоциран во близина на Копенхаген, веднаш преку Оресундскиот теснец.

Иако Шведска затвори неколку нуклеарни централи во изминатата деценија, сегашната влада зазема силен пронуклеарен став и се стреми да изгради нови капацитети.

Агард треба да се појави на јавно сослушување во парламентот подоцна денеска и да одговори на прашања од опозициските партии кои се за оживување на нуклеарната енергија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни