Неколку дрона со часови летаа над најголемата воена база во Данска – само четири дена по затворањето на главниот аеродром во Копенхаген поради сличен инцидент. Овие случувања ја зголемија загриженоста кај жителите, особено во градот Алборг, каде што беа откажани летови.
Иако Русија негира вмешаност, данската влада отворено зборува за можни „хибридни напади“. Воени и безбедносни служби најавуваат зголемени мерки за заштита.
Некои граѓани, стравувајќи од ескалација, почнуваат да купуваат залихи – потсетувајќи на времето на ковид-пандемијата.
Се купуваат конзерви, тоалетна хартија, храна со долг рок. Но, повеќето луѓе продолжуваат со секојдневниот живот како и досега.
Дронови како оружје – примерот на Украина
Во Украина, дроновите веќе предизвикуваат разорни последици. Во Запорижја, дрон удрил во пат, предизвикувајќи експлозија и несреќи – за среќа, без човечки жртви.
„Возев кога пред мене се појавија кршеви. Потоа следеше нова експлозија, воздушните перничиња се отворија, и колата се заврте,“ вели Арсен, жител на Запорижја.
Продавницата на Володимир била целосно уништена:
„Се слушна прасок и сè се урна. Кога излеговме – сè гореше.“
Во межувреме, Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ја критикува реакцијата на НАТО:
„НАТО реагира слабо. Затоа Путин продолжува со истиот пристап и кон други земји. Ако дронови се појават во вашиот воздушен простор – мора да ги соборите,“ изјави Зеленски.
Германија формира Центар за одбрана од дронови
Со зголемениот број инциденти во Полска, Романија, Естонија, Норвешка и Германија, оваа последна најави формирање на специјален центар за одбрана од дронови.
„Сведоци сме на трка во вооружување – меѓу заканите од дронови и системите за одбрана. Мораме да бидеме подготвени. Оваа трка не смееме да ја загубиме,“ изјави германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добринт.
Состанок на НАТО – одбраната ќе се засилува
Поради зачестените нарушувања на воздушниот простор, во Рига се состанаа началниците на генералштабовите на земјите-членки на НАТО. Тие порачуваат дека НАТО веќе дава силен одговор – и во наредниот период само ќе ја засилува својата одбрана.