Данската премиерка Мете Фридриксен распиша парламентарни избори за 24 март 2026 година, откако нејзиното барање беше прифатено од кралот. Одлуката ја образложи со потребата граѓаните да заземат став по „важни политички прашања“ за иднината на земјата.
Во соопштението од кабинетот на премиерката се наведува дека изборите за парламентот Folketing се распишани со цел гласачите да одлучат за клучните политички насоки. Фредериксен најави воведување данок на богатство за финансирање на образованието и порача дека Данска и Европа мора да „стојат на сопствени нозе“.
Изборите доаѓаат во момент кога нејзината Социјалдемократска партија бележи пораст на поддршката во анкетите, поттикнат од нејзиниот цврст одговор на изјавите на американскиот претседател Donald Trump поврзани со Greenland.
Раст на рејтингот по „гренландската криза“
Според последните анкети, социјалдемократите имаат поддршка меѓу 22 и 23 проценти, што е раст во однос на 18 проценти во декември. Истражување на YouGov покажало и зголемување на личниот рејтинг на премиерката за десет процентни поени во јануари.
Аналитичарите овој пораст го толкуваат како ефект на „обединување околу знамето“ во време на надворешен притисок. Фредериксен успеа да мобилизира европска поддршка за Копенхаген и Нуук во период на тензии со Вашингтон, особено по заканите со царини.
И покрај подобрувањето, нејзиниот вкупен рејтинг останува благо негативен, што ја прави изборната трка неизвесна.
„Чудна коалиција“ и неизвесна кампања
Актуелната влада, формирана во 2022 година, обединува три партии од различни делови на политичкиот спектар – две од десниот центар и една од левицата. Самата Фредериксен ја нарече оваа коалиција „чудна“, особено поради разликите околу прашања како данокот на богатство.
Изборите може да доведат до поидеолошки усогласена влада. Премиерката не ја исклучува можноста за соработка и со центристички и со левичарски партнери со цел обезбедување трет мандат.
Во меѓувреме, раст бележи и партијата на актуелниот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмунсен, додека како потенцијален кандидат за премиер се споменува и министерот за одбрана Тролес Поулсен од партијата Венстре.
Покрај даночната политика, кампањата ќе се фокусира и на пензиската реформа, имиграцијата, станбената политика и административните реформи. Прашањето за Гренланд останува во центарот на вниманието, а отворено е и прашањето дали Трамп ќе се обиде да влијае врз кратката изборна кампања.