Данска и Гренланд против Трамп, подготвени за заедничка одбрана на Арктикот

„Спремни сме за силно партнерство со САД и поголем развој, но сакаме почит… Никогаш нема да бидеме парче имот што некој може да го купи“, изјави Нилсен.

Гренланд и Данска договорија зајакнување на нивните врски како одговор на интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање контрола врз овој стратешки арктички остров, изјавија лидерите по средбата во Копенхаген.

Новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, вчера започна тридневна посета на данската престолнина, како знак на единство помеѓу полуавтономниот дански териториј богат со минерали и Данска.

„Се наоѓаме во надворешнополитичка ситуација што бара да се зближиме“, рече Нилсен на заедничка прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен.

Двајцата премиери се сретнаа во услови на неколкумесечни тензии поради повторените изјави на Трамп дека Гренланд треба да стане дел од САД.

„Спремни сме за силно партнерство со САД и поголем развој, но сакаме почит… Никогаш нема да бидеме парче имот што некој може да го купи“, изјави Нилсен.

Тој додаде дека континуираното проширување на американскиот конзулат во Нуук, главниот град на Гренланд, што беше договорено уште пред Трамп да стапи на функцијата, предизвикува загриженост меѓу жителите на Гренланд.

Фредериксен изјави дека Данска е подготвена повеќе да инвестира во Гренланд и финансиски да го поддржи, додека Копенхаген му препушта повеќе надлежности за внатрешни прашања, како дел од „модернизацијата“ на нивната врска.

Данска повика на зголемена соработка со САД во областа на одбраната на Арктикот, а и Нилсен и Фредериксен во неделата изјавија дека се посветени на јакнење на одбраната во регионот.

Данскиот крал Фредерик ќе отпатува во понеделник на Гренланд како понатамошен чин на солидарност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни