Данска денес официјално го презеде шестмесечното ротирачко претседателство со Советот на Европската унија, истакнувајќи ја безбедноста и конкурентноста како клучни приоритети на ЕУ, се наведува на веб-страницата на Данското претседателство со Советот на ЕУ.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, оцени дека Европа се наоѓа „во пресуден момент“, нагласувајќи дека „слободата и просперитетот повеќе не можат да се земаат здраво за готово“.
„Претседателството со ЕУ ѝ нуди на Данска единствена можност да ја зајакне европската агенда и подготвени сме да ја искористиме. Во денешниот променлив геополитички пејзаж, Европа мора да стане значително посилна – економски, политички и воено. Затоа поставивме амбициозна програма на претседателството насочена кон зајакнување на одбраната и безбедноста на ЕУ, поддршка за Украина и решавање на проблемот со нелегалните миграции.
Сето тоа се теми во кои Данска веќе има водечка улога во рамките на ЕУ. Истовремено, ќе работиме на подобрување на условите за европските бизниси преку намалување на регулаторните оптоварувања, а притоа ќе ја задржиме нашата посветеност на зелената транзиција. Тоа ќе ја зајакне долгорочната конкурентност на Европа. Данската влада е подготвена да се фати за работа и се радуваме на постигнување конкретни резултати“, изјави министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјере.