Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека постојат „црвени линии кои не смеат да се преминат“, коментирајќи ги најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можна анексија на Гренланд. Тој нагласи дека Данска нема намера да ја ескалира ситуацијата, но јасно стави до знаење дека притисокот не е прифатлив инструмент.
Расмусен изрази уверување дека Европска Унија и Обединето Кралство ќе застанат зад Данска, повикувајќи се на „силната изјава“ за поддршка од британскиот премиер Кир Стармер. Стармер оцени дека е „целосно погрешно“ воведување царини кон сојузници и подвлече дека секоја одлука за идниот статус на Гренланд ѝ припаѓа исклучиво на волјата на неговите граѓани.
На прашање дали потезите на Вашингтон ги доживува како предавство, Расмусен одговори дека попрво би ја употребил зборот „изненадување“, повторувајќи дека Данска нема интерес од понатамошно заострување на односите, пренесува CNN.
„Многу е важно сите наши сојузници во НАТО и Европската Унија да ги застапуваат овие принципи, за да му покажат на американскиот претседател дека иако може да има желби и визии, тие не можат да се остварат со притисок“, истакна данскиот министер.
Во меѓувреме, премиерот на Гренланд Јенс Фредерик Нилсен порача дека дијалогот мора да надвладее додека тензиите меѓу САД и Европа се зголемуваат поради најавите за анексија и нови царини кон европските партнери.
„Не дозволуваме врз нас да се врши ваков притисок. Цврсто инсистираме на дијалог, почитување и меѓународно право“, изјави Нилсен, додавајќи дека меѓународната поддршка за Гренланд е „јасно признание дека станува збор за демократско општество со право самостојно да носи одлуки“.