Туристичкиот остров Борнхолм, кој се наоѓа на околу 300 километри од Русија, се подготвува за можен напад. Во изминатите месеци на островот пристигнале нови воени единици, во базата се градат нови хангари, а минатата недела биле распоредени 11 нови оклопни возила, наменети за одвраќање на каков било обид за инвазија, пишува El País.
Додека Данска ја зајакнува одбраната на својата најисточна точка поради заканите од Русија, истовремено се соочува и со притисок од другата страна – од својот најблизок сојузник, Соединетите Американски Држави. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изјави дека САД имаат намера да го преземат Гренланд „на полесен или потежок начин“.
„Загрозени сме од двете страни“
„Постојано се подготвуваме и веќе достигнавме одредено ниво“, изјави генералот Петер Бојсен, началник на данската армија. „Ќе се бориме со она што го имаме, но мораме да забрзаме и да ги зајакнеме нашите сили – и токму тоа го правиме.“
Поради оваа „двојна закана“, Данска и нејзините два острова (Борнхолм и Гренланд) се најдоа притиснати меѓу Русија и САД. „Првпат по 80 години сме загрозени од двете страни“, вели Јонас Парело-Плеснер, извршен директор на Фондацијата Алијанса на демокрации. „Живееме во свет на работ на колапс.“
Појачувања на најисточната точка
На Борнхолм, до кој од Копенхаген се стигнува за околу 25 минути, напнатоста е опиплива. Во касарната Almegaards Kaserne, каде е сместен борнхолмскиот полк, на 9 јануари беа претставени новите фински борбени пешадиски возила Patria 6×6, наменети за заштита на островот од потенцијална руска закана.
„Ни требаат војници на островот Борнхолм. Ова е најблиската точка на кралството до потенцијалниот непријател“, изјави полковникот Ларс Нигорд, командант на полкот. Генералот Бојсен додаде дека островот има клучно стратешко значење: „Ова е како носач на авиони – но стационарен. Се наоѓаме во срцето на Балтичкото Море. Тоа е чувствителна зона и затоа мораме да покажеме дека сме подготвени да го браниме Борнхолм.“
Борнхолм историски е чувствителна територија. По поразот на нацистичка Германија, островот бил под советска контрола од 1945 до 1946 година, период познат како „Руска Данска“. По Студената војна, данското воено присуство било намалено, но руската инвазија врз Украина во 2022 година повторно ги зголеми тензиите во Балтичкото Море.
На тоа се надоврзаа и експлозиите на гасоводот Северен тек, близината на руската енклава Калининград, како и активностите на т.н. „фантомска флота“ во овие води.
Од мисии во странство до одбрана на територијата
Иако во моментов „нема директна закана“, генерал Бојсен нагласува дека подготвеноста е клучна за спречување на војна. За прашањето за Гренланд, тој одби да коментира, но потсети на кралскиот декрет од 1952 година, според кој војниците се должни да ја бранат територијата – дури и од сојузници.
Ова претставува значајна промена за Данска, која со децении учествуваше во далечни воени мисии, како оние во Авганистан и Ирак, како лојален сојузник на САД. „Многу малку размислувавме за територијална одбрана“, признава Парело-Плеснер.
