Државата наплати над 2,2 милиони денари данок од донациите на „Сапорт Кочани“

Од собраните 22,7 милиони денари за настраданите во пожарот во Кочани, повеќе од два милиони завршиле како персонален данок, соопшти граѓанската иницијатива.

Граѓанската иницијатива Сапорт Кочани соопшти дека државата наплатила вкупно 2 274 285 денари персонален данок од донациите собрани за помош на настраданите и повредените во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“.

Според информациите објавени од иницијативата, вкупно биле собрани 22 742 997 денари донации, а неодамна била реализирана и третата, воедно и последна распределба на средства од заедничката сметка.

Третата транша вклучувала донација од Македонска православна епархија за Европа во износ од 3 153 204 денари. Од тие средства, 123 лица добиле по 15 968 денари, а 19 лица по 45 992 денари, со цел, како што наведуваат од иницијативата, помошта да стигне таму каде што е најпотребна.

Од „Сапорт Кочани“ информираат дека НЛБ банка ги ослободила од банкарска провизија, но дека и за оваа донација бил пресметан персонален данок од 315 292 денари. Со тоа, вкупниот данок наплатен од државата за сите три распределби изнесува 2 274 285 денари.

„Ви благодариме на сите за хуманоста и за сите донации“, соопштија од иницијативата, додавајќи дека средствата се целосно распределени.

Во пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени. По трагедијата, граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ беше формирана како одговор на итната потреба од финансиска поддршка за погодените семејства.

Информацијата дека од донациите бил наплатен данок предизвика силни реакции кај дел од јавноста, кои сметаат дека државата требало да обезбеди институционална поддршка, наместо да одзема средства наменети за помош на жртвите и нивните семејства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни