Трн: Ова е првпат Македонија да биде домаќин на ЕМОФ. Како започна оваа иницијатива и што беше клучно за да ја добиеме довербата да го организираме фестивалот?
Даниел: Ова е навистина историски момент за нашата земја. Иницијативата започна со многу верба, јасна визија и решителност да покажеме дека Македонија е подготвена за ваква одговорност. Процесот беше долг и исполнет со предизвици, но истовремено и многу инспиративен. Она што беше клучно е што покажавме искрен ентузијазам, конкретен план, тим со капацитет и поддршка од државата. Европските олимписки комитети го препознаа тоа и ни ја доверија организацијата. Од таму натаму – сè беше прашање на посветена работа и заедничка цел. Од првиот ден, нашата цел не беше само да организираме настан, туку да испратиме порака за тоа што претставува Македонија денес.

Трн:Во фестивалот учествуваат 50 делегации. Кои беа најголемите организациски предизвици до сега?
Даниел: Да координираш 50 национални делегации, секоја со свои потреби, очекувања и спортски динамики, е исклучително комплексна задача. Од сместување и транспорт, до распоред на тренинзи, безбедност, медицинска логистика, преноси и протокол – секој сегмент бараше максимална прецизност. Еден од најголемите предизвици беше и како да обезбедиме сите учесници, независно од нивната големина или спортска сила, да се чувствуваат подеднакво важни и добредојдени. Сакавме сите спортисти да го запомнат Скопје како место каде што биле прифатени со срце. Мислам дека успеавме токму во тоа – да создадеме услови каде што спортот, логистиката и атмосферата се во совршен баланс.

Трн: Кој е најважниот сигнал што сакате да го испратиме кон Европа – и преку организацијата и преку нашето гостопримство?
Даниел: Најважниот сигнал што го испраќаме е дека Македонија не само што е подготвена да биде домаќин на големи настани, туку и дека може да биде пример за тоа како се гради доверба и пријателство преку спортот. Нашето гостопримство е нашата најсилна дипломатска алатка. Гостите од цела Европа се уверија дека сме топол, организиран и отворен народ, кој со срце го дочекува секој гостин. Преку ЕМОФ 2025 покажавме дека сакаме да бидеме активен дел од европското семејство – не само како учесници, туку и како домаќини кои создаваат незаборавни искуства. Тоа е пораката што ја испраќаме: дека спортот не познава граници, и дека Македонија е земја што обединува.

Трн: Дали главната улога на овој фестивал е во градењето мостови меѓу младите, народите, културите?
Даниел: Да, тоа е суштината на ЕМОФ. Резултатите и медалите се важни, но далеку поважни се моментите кога спортисти од различни култури разменуваат знамиња, се фотографираат заедно, навиваат едни за други. Во овие неколку дена, младите не само што се натпреваруваат, туку и живеат заедно, учат едни од други, откриваат нови пријателства. Се создаваат врски што ќе траат со години, можеби и цел живот. Во денешниот свет, токму оваа поврзаност – преку спортот, вредностите и човечкото искуство – е најсилното оружје против поделбите. Ние не градиме само инфраструктура за спорт – туку и мостови меѓу луѓето.

Трн: Дали верувате дека по ЕМОФ 2025, Македонија ќе се смета за сериозен организатор и кандидат за други големи меѓународни спортски настани?
Даниел: Апсолутно верувам во тоа. Веќе добиваме признанија од делегации и претставници на европските спортски федерации за начинот на кој беше организиран фестивалот. Секако, секој настан остава простор за унапредување, но генералната оценка е многу висока. Ова е можност која треба мудро да ја искористиме. Да го капитализираме искуството, да продолжиме со инвестиции во спортската инфраструктура, едукација и развој на кадарот, и да аплицираме за нови спортски настани – младински, сениорски, балкански или европски. ЕМОФ 2025 е силна препорака дека Македонија е сериозен играч на спортската мапа на Европа.

Трн: Каква улога одиграа волонтерите – младите кои ги гледаме секојдневно на терените, со насмевка и енергија?
Даниел: Волонтерите беа и остануваат душата на овој фестивал. Нивната улога беше незаменлива – од логистика и навигација, до поддршка на делегациите, помош во натпреварите и секојдневна комуникација со гостите. Но нивната енергија, насмевка и љубезност се она што сите го запомнија. Тие беа првото лице на Македонија што го видоа нашите гости – и верувам дека тоа лице ќе го паметат со голема симпатија. Волонтерите ни покажаа дека младите имаат неверојатен потенцијал – не само како спортисти, туку и како организатори, лидери, амбасадори на нашата земја. Горди сме на нив.


Трн: На крајот од овој голем спортски мозаик, што ќе биде следниот чекор за Македонскиот олимписки комитет?
Даниел: Следниот чекор е да ја трансформираме оваа енергија и искуство во долгорочни резултати. Продолжуваме со поддршка на младите спортисти, со унапредување на системите за спортска едукација, со нови проекти и програми. Истовремено, ќе бидеме активни на меѓународната сцена, со апликации за нови настани и соработка со другите олимписки комитети. Но, можеби најважно од сè – ќе се обидеме да ја задржиме оваа заедништво што го почувствувавме во Скопје. Да не остане ЕМОФ 2025 само како „настан што се случи“, туку како почеток на нова ера во македонскиот спорт.