„Најпрво лицето ми се закануваше вербално, не можам да изговорам со какви погрдни зборови ми се обраќаше, велеше ќе ме силува. Потоа пред очите на полицајците ме нападна физички, почна да ме удира со клоци. Тие само го тргнаа и застанаа пред мене и ништо друго не преземаа, дозволуваа толпата да вика и да ги напаѓа луѓето од Градот, да ги удираат со столици, да ги плукаат…“
Сите знаеме кој е контекстот во кој е дадена оваа изјава – градоначалничката Арсовска започна кампања во која го разголува криминалот во општина Чаир (најгусто населената општина во Европа) преку кој градежната мафија легализира огромни дивоградби во спрега со општината и најверојатно другите институции кои работат во тоа поле. На Бит пазар неа и дел ов вработените во Град Скопје ги тепаа затоа што посоија нелегално приклучување на системот за вода и за струја. Ги тепаа затоа што мислат дека тоа е нормално кога некој ќе ти чепне ви бизнисот, без оглед колу е криминален.
Иако според мене Арсовска е најнепродуктивна градоначалничка (Коце Трајановски си го заслужи епитетот најштетен со тоа што го дозволи монструозниот проект Скопје 2014), иако прекина и уништи огромни проекти проекти кои требаше да го помрднат Скопје една педа кон функционален град, иако не и го знам мотивот зошто – Арсовска жестоко нападна една појава од која страда градот: корупцијата во локалната самоуправа, а и во централните власти и служби.
Аздисаните „градежници“ толерирани од државата и градот, а многу често (читај секогаш) и во спрега со нив, никогаш не биле натерани да размислат и сфатат како функционира општината, државата или општеството во целина. Секогаш „си имале муабет“ со политичарот кој е надлежен, со шефот на служба кој ќе им стави печат кај што треба и со службеникот на шалтер кој „ќе заврши работа“, полицаецот кој нема да примети нешто, инспекторот што чека да добие гозба во кафана и уплата за летување за него и фамилијата.
Исто беше и во Кочани. Таму луѓе живи изгореа од истите причини. 62 главно млади, некои и малолетни, живи изгореа од истата корупција, истото неразбирање на тоа како треба да функционира системот и општеството, на кои вредности треба да почива и кои табуа се ставени на сила за да не бидеме земја во која „мафијата има своја држава“ како што велеше српскиот политичар Џинџиќ пред да го застрелаат со снајпер.
Создадовме генерации политичари водени од мотото „Ми смо овде само због пара“. Ги гласаме, им овозможуваме да се полнат со пари на најпримитивен начин кој е само продолжение на пристапот кон трансформацијата на општествениот капитал во времето кога го напуштавме социјализмот и се префрливме кон демократско, плуралистичко општество. Грабај го јавното и ич да не ти чуе за народот. Ликови тотално лишени од чувство за државност, јавен интерес и основна емпатија кон граѓаните на оваа земја.
Во Србија им пукна филмот. Сега „пумпаат“ ненасилна побуна и се чини дека се решени да одат до крај, до целосно демонтирање на корумпираниот систем кој ги убива и одеднаш и постепено. Исто како овде што ни прави со децении.
Не верувам дека „денот кога ја тепаа Данела“ ќе стане ден на пресвртница. Можеби и ќе ја направат виновна. Ќе најдат начин. Бизнисот ќе си тера понатаму. Мафијата ќе си тера понатаму, си има своја држава.