Данците лудуваат по Ноќта на вештерките, милион тикви и дворови полни со страв

Во Данска, земја со околу шест милиони жители, оваа година ќе се потрошат дури еден милион тикви за прославата на Ноќта на вештерките (Halloween), проценува најголемиот производител на тикви во земјата.

Кристијан Олесен (31), земјоделец од селото Скаелскор, 110 километри западно од Копенхаген, пред две години го презел семејното имање од својот татко. Денес, неговите полиња личат на портокалово море, таму растат околу 90.000 тикви подготвени за испорака низ целата земја.

„Ова е огромна работа“, вели Олесен, додека педесетина работници неуморно ги вадат тиквите, ги перат и ги товараат во камиони. Секој камион превезува околу 3.000 тикви до различни делови на Данска.

„Секоја година побарувачката расте за 10 проценти. Оваа година во земјата ќе се продаде еден милион тикви,“ додава Олесен со насмевка.

Растечки тренд и добар бизнис

Хеловин, иако има паганско потекло, во Данска прерасна во вистински сезонски бизнис. Трговците заработуваат двојно: супермаркетите ја купуваат тиквата од производителите за два евра, а ја продаваат за четири.

„Јас купив четири тикви, не за децата – туку за себе,“ вели Лине (41), мајка на две деца која го запознала празникот додека живеела во САД. Нејзиниот дом, близу Копенхаген, е украсен со тикви, костури, пајажини и лилјаци, а вечерта пред вратата ќе ја остави издлабената тиква со „злобна насмевка“, знак дека таму има слатки за замаскираните деца од соседството.

Хеловин станува семејна традиција

Новинарката Гите Јанг се сеќава дека пред десет години воопшто не славела Хеловин – додека еден ден не се појавила група деца на нејзината врата.
„Им дадов здрави грицки од суво овошје. Децата беа бесни и ми покажаа среден прст,“ се смее таа. Денес, Гите има четири деца и секоја година подготвува десетици слатки за посетителите.

Нејзиниот двор е уреден во духот на празникот – со вештерки, светилки и страшни фигури. „Децата го обожаваат. Само резбарењето на тиквата е вистински предизвик,  треба да изгледа доволно страшно,“ додава таа.

Зошто Данците го сакаат Хелови?

Иако Данска е земја со длабоки христијански корени – нејзиното знаме со бел крст на црвена подлога е симбол на верата – прославата на Хеловин стана масовна појава.

Професор по социологија од Универзитетот во Копенхаген признава дека ниту тој, ниту неговите колеги немаат јасен одговор. Новинарката Гите смета дека причината е во темниот амбиент и долгите есенски ноќи:
„Во Данска во ова време на годината е темно и студено. На луѓето им треба некаков настан што ќе ги собере заедно. Хеловин, со својот мистичен и застрашувачки дух, доаѓа точно меѓу летото и Божиќ.“

Иако многумина го гледаат како можност за дружење, други сметаат дека станува збор за чист консумеризам увезен од САД.

„Трошоците се речиси како за Божиќ, костими, украси, слатки, тикви… Сè чини многу,“ признава Гите додека подготвува кутија со костими од минатите години.

Сепак, улиците, продавниците и домовите низ Данска вечерва ќе светат во портокалови и црни нијанси, со тикви, свеќи и детски насмевки затоа што Ноќта на вештерките веќе одамна стана дел од данската есенска традиција.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни