Трн: Како овие дисциплини од истокот се применливи за западниот свет?
Дана:Источните борбени вештини (кинески, јапонски или корејски) идеолошки се темелат на философски учења сочинети од животни мудрости со безвремeнска вредност и значење, применливи за секој човек.
Трн: Колку луѓето се дисциплинирани?
Дана: Ако зборуваме за народот на Балканот, морам да кажам дека дисциплината не ни е јака страна. Најчесто се чека мотивацијата сама да долета, некако да светне и да се натераме да го направиме привиот чекор. За нас учителите тоа е прилично исцрпувачки дел од работата, бидејќи најчесто нема голем резултат и тоа од проста причина што самата дисциплина е најдобрата мотивација, ништо повеќе и ништо помалку.

Трн: Каде учеше ти за станеш сертифициран учител по таи чи чуан и чи гонг?
Дана: Прво тренирав во Скопје, а потоа продолжив со посета на семинари во Белград на покана на Саша Баланесковиќ, тогаш претседател на Српската Вушу Федерација, а сега претседател на Српскиот Чи Гонг Сојуз.
Трн: Колку пати неделно треба да се тренира за да се постигнат резултати?
Дана: Ќе одговорам со кратка приказна. Еден ученик го прашал својот учител колку време ќе му биде потребно за да стане учител. Учителот одговорил 15 години. Тогаш ученикот прашал: „А ако тренирам секој ден за колку време ќе станам учител?“ Учителот одговорил: „Во тој случај, учител ќе станеш за 30 години.“
Трн: Како изгледа еден тренинг? Загревање, медитација….
Дана: Времетраењето на еден тренинг е час и половина. Петнаесет минути кардио вежби кои вклучуваат и малку побрзи шаолински форми, дваесет минути растегнување, потоа бробени апликации и таи чи чуан форми. Наместо кардио вежби еден дел од групата вежба здравствен чи гонг. На крајот на часот сите во круг завршуваме со стоечка медитација позната како „Стоење како дрво.“

Трн: Од кои побуди се запишуваат луѓето на овие дисциплини?
Дана: Најголемата побуда за да се посветат на таи чи чуанот е потребата од животна промена на личносно ниво, чувството на енергетски пад и желбата да се унапреди психофизичкото здравје.
Трн: Што е заедничко за сите оние кои тренираат таи чи чуан и чи гонг?
Дана: Она што ги обединува практикантите на таи чи чуанот и чи гонгот е посветеноста на себеспознавањето преку развивање на телесната самосвесност.
Трн: Дали овие дисциплини се погодни за сите луѓе, луѓе кои имаат здравствени проблеми, постоперативни, за луѓе со зголемена телесна тежина итн?
Дана: Чи гонг може да вежбаат сите, и со потешки и со полесни здравствени проблеми. Тоа е најуниверзалната дисциплина. Зголемената тежина не мора биде проблем се додека не ја нарушува телесната статика, па затоа понекогаш препорачувам да се намали тежината.

Трн: Дали има некое возрасно ограничување?
Дана: Возразно ограничување не постои. Секој може да се обиде да ги вежба овие дисциплини. Доволна е желба и договор со себе за редовно посетување на тренинзите.
Трн: Дали го менува животот практицирањето на оваа дисциплина? Што нѐ учи таи чи чуанот ?
Дана: Секое менување на тековната секојдневна рутина го менува животот, особено ако е таи чи во прашање, хахаха. Се работи за вештина која го подобрува фокусот, енергизира и помага полесно да ја рабереме комуникацијата помеѓу умот и телото и истата да ја подобриме. Тоа можеби е и дел од смислата на животот.

Трн: Зошто ти се одлучи да станеш тренер на овие дисциплини, што сакаше да промениш ?
Дана: Од сегашна перспектива можам да кажам дека тоа се случи природно. Немав намера, ниту план да ги предавам овие вештини. Си вежбав сама на кеј и почнаа да се собираат луѓе и да бараат да ги подучувам. Така почна сѐ…
Трн: „Древната војна со стресот“ е насловот на твојата книга која неодамна излезе од печат. Дали книгата е наменета за сите луѓе или само за оние кои тренираат таи чи чуан или некоја друга источна дисциплина? Дали можеби со читање на оваа книга може да ти се отворат нови хоризонти и со самото читање да го намалиш стресот?
Дана: Книгата е наменета за сите заинтересирани за овие дисциплини и за нивното благотворно дејство, за таоизмот како животна философија и за кинеската алтернативна медицина. За да доодговорам на ова прашање ќе се послужам со рецензијата на мојот драг пријател и почитуван Проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор, европски сертифициран психотерапевт, кој вели: „Таи Чи Чуан-от како да сака да не потсети на парадоксалноста на човековото функционирање – “стабилен и скоро статичен сум а сепак се движам !!!” Овие древни вештини можат да ни ја зголемат свесноста дека се што е многу, брзо, тешко, силно, фуриозно и жестоко, не мора да биде начинот на кој се доаѓа до целта…нашиот народ рекол – “тивка вода брег рони!!!”
Насловна фотографија: Владислав Гавриловски