Интервју со Дамјан Цветановски, актер

Дамјан Цветановски: Во театарот е многу важно да бидеме деца

Дамјан Цветановски е дел од актерската екипа на Драмски театар Скопје од 2019 година и зад себе има реализирано многу успешни улоги. Особена популарност му донесе главната улога во „Чудна случка со кучето во ноќта“ на режисерката Зоја Бузалковска во Драмски театар во Скопје, како и ролјата во „Сите сме птици“ на Слободан Унковски, во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ). Улогата на Кристофер во „Чудна случка со кучето во ноќта“ му ја донесе и наградата за најдобра машка улога на годинешниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, за која тој вели дека е најкомплексната улога која ја играл досега.

„За да можам пореално да ја одиграм оваа улога гледав многу документарни емисии за неуро атипични деца, не барав конкретна дијагноза па таа да ја изучувам бидејќи и самиот писател  зборува дека Кристофер има симптоми на различни дијагнози како што се сите деца на спектарот на аутизмот посебни на свој начин, нема ниту едно со истите потреби и сакање. Гледав и играни серии од љубопитност да видам како други актери имаат изиграно такви ликови. Еден од колегите работи театар со деца со попреченост, Златко Митрески во театар „Пи“ и појдов кај него еден ден,  спремаа некаква претстава и ме викна да вртам слајдови на проекторот и така малку инкогнито да бидам и воајерски да набљудувам. Таму баш се инспирирав за улогата. Беше фасцинантно. Имаше едно дете кое ги знаеше репликите на сите дечиња и како што имаше столчиња, многу брзо како торнадо одеше на сцената и седнуваше на различни стилчиња и ги кажуваше репликите на сите, многу фокусирано, способно, посветено дете“, изјави Дамјан Цветановски за читателите на Трн.

Трн: Дали преку играњето различни улоги се откриваш себеси и со која улога најмногу се поистоветуваш? Дали си помалку Кристофер понекогаш, несфатен и различен или Еитан од Сите сме птици? Која улога извршила најголемо влијание врз тебе?

Дамјан: Би нагласил можеби кога бев студент ја играв улогата на Кнез Мишкин од Идиот, тој лик многу промени во мојата перспектива во поимањето на светот, а би го напоменал и Дон Жуан кој го работев во 2017 во Народниот театар во Битола. Тој ми помогна да отргнам некои работи од себе. Потоа би го нагласил Кристофер од Чудна случка со кучето во ноќта, кој ми ја промени перспективата како гледам на тие неуро атипични деца, како се однесувам со нив и како им приоѓам, и Еитан во Сите сме птици во неговата цврстина да оди по својот пат и покрај сите невољи и маки кој му излегле.

Трн: Во преставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ се случува и физички театар, како успеа да ги балнасираш психичката и физичката игра? Имагинативните и физичките елементи?

Дамјан: Режисерката многу го сака Меjерхољд, неговиот метод кој е воглавном физички театар и кој ни беше дел од процесот додека ја работевме преставата и техниката фри ранинг, урбано трчање, Имавме тренер што не учеше на тоа.  Кога ќе почне претставата мора да ја изиграм и не размислувам на тоа дали сум уморен или не, а после откако ќе заврши претставата се чувствувам доста изморен.

Сите тие работи кои ги додадовме таму беа во обид да се долови хаотичноста на неговите мисли. Цел свет се превртува од време на време за него, трчањето тоа требаше да го симболизира а меѓу другото тој текст е напишан како филмски со сцени кои рипаат од едно место на друго и тоа беше начин да се префрламе од сцена во сцена.

Трн: Сите режисери имаат различна техника на работа, мајснерова, медуза…во која техника најудобно се чувствуваш и со леснотија ги реализираш улогите?

Дамјан: Најмногу сакам кога режисерот има потреба да ја направи претставата но нема конкретна слика како ќе ја направи и е дојден тука да се инспирира со нас и заедно да ја пронајдеме таа слика бидејќи сметам кога на актерот му е дозволено да влијае на големата слика и да ја рзбере својата функција што е потребно да направи и има чувство дека самиот креирал многу повеќе се вложува во претставата многу повеќе расте неговата улога со играња и всушност режисери кои што работат со љубов и за нив љубовта е неизоставен дел од целиот процес. Во театар ние сите мораме да се чувствуваме како деца за да си играме, бидејќи кога си играме тогаш работите излегуваат на виделина.

Затоа е многу важно да бидеме деца во театарот за да можеме да наоѓаме креативни начини да ги прикажеме работите.

Трн: Примаат ли сугестии режисерите?

Дамјан: Зависи, од режисер до режисер. Јас ги сакам тие што примаат сугестии и тие што сакаат да сослушаат сугестија и ако ја примат или не ја примат пак е до нив. Едноставно им верувам на тие луѓе, не им верувам на оние кои не се подготвени ниту да слушнат, без разлика дали се работи за его или страв.

Трн: Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ обработува теми за доверба, семејство и потрага по вистината. Кои аспекти од приказната резонираат со тебе лично и како ги внесуваш сопствените искуства во твојата изведба?

Дамјан: Јас би рекол дека во таа претстава има најмалку од мене во ликот. Тој лик бараше од мене да излезам од себе, од моите навики и од мојата нарав, така што во однос на тоа мислам дека нема многу од мене но, најмногу со мене резонираше фактот дека Кристофер не ја гледа поентата во лагата и лагата за него не треба да постои. Тоа беше доста фасцинантно за мене, дека нема способност да лаже и храброста што му беше потребна да излезе од својата комфор зона што е исклучително тешко за таквите деца. Да ја смени рутината.

Трн: Доби и награда за оваа улога на фестивалот Војдан Чернодрински во Прилеп, што значи за тебе оваа награда?

Дамјан: Не ми е прва награда, прва ми беше една награда во студентски денови на еден фестивал во Рума, втора ми беше на Стоби античкиот театар за главна машка улога во Жени од подземјето и ова ми е трета, прва на Војдан Чернодрински.

Наградите ми даваат еден ден каде сум благодарен што некој препознал дека сум вложил некаква енергија труд љубов во некоја улога. Еден ден благгодарност а потоа остатокот од животот стрес дека треба да ја оправдам таа улога и да не ми е последната таква.

Трн: Мерило за успех?

Дамјан: Аплауз што трае и трае е нешто што е награда за мене, би било успех да работам проекти во кој сто посто верувам. За мене идеално би било да сум доволно мирен во животот да бирам проекти кои што сакам да ги работам и единствената мака да ми биде дека немам доволно време да ги сработам сите.

Трн: Бидејќи имаш искуство и на филм, што е поголем предизвик за тебе: театар или филм?

Дамјан: Сега за сега се чувствувам посигурно на театар, тоа не ми е драго, бидејќи така сакам да се чувствувам и на филм, затоа во овој момент би рекол дека сум многу порасположен да сум на филм само заради тоа што е  сеуште недоволно откриен свет за мене и би сакал да дознаам што повеќе искуство.

Многу се различни и двете се убави на свој посебен начин. Во театар е убаво дека секое играње на улогата е различно и секогаш можеш некако да ја освежиш улогата а во филм е исто многу драгоцено тоа што се заробува еден момент кој може да остане засекогаш.

Трн:Колку е важно тимската игра? Имаш играно и со помладата и со постарата фела? Што е она што ти оставило најголем впечаток?

Дамјан: Еден од повозбудливите моменти од кариерата  е соработката со режисерот Слободан Унковски бидејќи е фасцинантен човек кој многу добро си ја работи својата работа и ми беше исклучително лесно да работам со него бидејќи не претендираше дека било што е решено и дека тој го знае однапред и многу оставаше на нас а сепак цело време со едното око беше на големата слика и не водеше кон една убава претстава и би сакал во иднина да имам уште соработки со него.

Трн: Потекнуваш од театарска фамилија. Колку тоа ти помогнало, а колку ти одмогнало?

Дамјан: Апсолутно и двете. Би било неблагодарно да кажам дека не ми помогна, бидејќи растењето во таква фамилија ја пронајдов љубовта кон театарот и уметноста а беше тешко заради тоа ѓто јас го чувствува тоа како бреме и меѓудругото тое е една од причините зошто решив да студирам во Нови Сад, бидејќи татко ми во тоа време беше професор на Фду и не сакав да слушам муабети.

Трн: Што се подготвува ново ?

Дамјан: Следно што работам е престава што се подготвува во мојот матичен театар и ќе соработувам со брат ми Андреј Цветановски кој е дел од годинешнава програма. „Пикник на фронтот“ е името на претставата, не знам од кој е текстот не го ставај тоа брат ми ќе ме кара, или стави го тоа дека брат ми ќе ме кара. Хахахха.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни