Најголем национален парк кој е под јуриздикција на ЕУ, односно на земја-членка на Унијата е националниот парк Североисточен Гренланд, кој се наоѓа на островот Гренланд. Овој остров административно припаѓа на Данска, земја-членка на ЕУ, но географски се наоѓа во Северна Америка.
Со 972 илјади квадратни километри, Североисточен Гренланд е најголемиот национален парк во Светот и се протега на речиси половина од најголемиот остров на светот.
Интересен е податокот дека само 29 држави, членки на Обединетите нации, имаат територија поголема од овој национален парк.
Со значително помала површина, но поголема од сите паркови кои се во тоа што се подразбира како континент Европа, следува Амазонскиот парк во Гвајана. Вкупната заштитена површина со овој парк изнесува речиси 34 илјади квадратни километри со што тој е најголем национален парк во Франција, иако се наоѓа во Јужна Америка.
Националниот парк е дел од Француска Гвајана, прекуморски регион на Франција кој се граничи со Бразил и Суринам.
Најголемиот национален парк, пак, што се смета дека е дел од континентот Европа е националниот парк Југид-ва во Русија. Овој национален парк се протега на површина од речиси 19 илјади квадратни километри и се наоѓа на границата помеѓу Европа и Азија.
Во Македонија има четири национални паркови, Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина. Најголем од овие четири национални паркови во земјава е НП Маврово со површина од над 730 квадратни километри.