Земјата и натаму е на пат да биде 2,7 Целзиусови степени потопла од прединдустриското време, смета Climate Action Tracker, составена од научници и аналитичари што ги проучуваат владините политики и тоа го претвораат во проекции за загревањето.
Доколку емисиите на штетни гасови продолжат да растат и проекциите за температурата не паднат, луѓето треба да се запрашаат дали разговорите на ОН за климата воопшто даваат нешто добро, рече извршниот директор на невладината организација Климатска аналитика (Climate Analytics), Бил Харе.
Во моментов во Баку, Азербејџан, се одржува 29-тиот самит за климата на ОН.
Светот се загреа за 1,3 Целзиусови степени во однос на прединдустриското време. Тоа е блиску до границата од 1,5 степени на која се согласија земјите на разговорите за климата во 2015 година во Париз.
Климатолозите велат дека атмосферското загревање, главно предизвикано од човечкото согорување фосилни горива, предизвикува сè поекстремни и штетни временски настани, вклучувајќи суши, поплави и екстремна топлина.
„Веќе треба да гледаме намалување на глобалните емисии“, а тоа не е така, рече Харе.
Главното прашање во Баку е колку богатите земји ќе им помогнат на сиромашните земји да ги декарбонизираат своите енергетски системи, да се справат со идните штети од климатските промени и да ја платат штетата од екстремното загревање.
Старата цел од 100 милијарди долари годишна помош станува застарена и главниот фокус е да се најде нова, повисока бројка.
Специјална независна група експерти, нарачана од генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска објави сопствена проценка за трошоците и финансиите, повикувајќи на тројно зголемување на старите обврски.
„Напредните економии треба да покажат јасна посветеност“ за помош на сиромашните земји, се вели во извештајот.
Коалицијата на сиромашни земји во Баку бара годишно финансирање за климатските промени од 1,3 трилиони долари. Во извештајот се вели дека околу 1 трилион долари годишно им се потребни на земјите во развој од сите надворешни извори, а не само од владини грантови.
Извештајот детализира колку би чинело да се декарбонизира светската економија и од каде би можеле да дојдат парите. Вкупните трошоци за климатска адаптација за сите земји се предвидува да достигнат 2,4 трилиони долари годишно.
„Транзицијата кон чиста енергија, градењето отпорност на влијанијата на климатските промени, справувањето со загубите и штетите, заштитата на природата и биодиверзитетот и обезбедувањето праведна транзиција бараат брз раст на инвестициите во сите земји“, се вели во извештајот.