Иако Meta AI тврди дека разговорите се приватни по дифолт, дел од корисниците, без целосно разбирање, ги прават своите интеракции јавни, изложувајќи чувствителни информации на јавен увид.
Во јавниот фид на апликацијата и веб-страницата на Meta AI, наречен „Discover“, може да се најдат пребарувања поврзани со лични прашања – од полова идентификација до студентски измами, па дури и содржини со сексуален контекст. Понекогаш, овие објави може директно да се поврзат со Instagram профили преку кориснички имиња и слики на профилот.
„Ако очекувањата на корисникот не се совпаѓаат со реалноста, тоа е огромен проблем за безбедноста и корисничкото искуство“, вели Рејчел Тобак, извршна директорка на компанијата Social Proof Security. Таа предупредува дека луѓето не очекуваат нивните приватни разговори со вештачка интелигенција да бидат јавно објавени.
Meta вели дека објавите не се јавни освен ако корисникот не одлучи да ги сподели. Но, известувањето пред објавата – кое советува да не се споделуваат лични информации – можеби не е доволно јасно за сите.
Meta AI е достапна преку Facebook, Instagram и WhatsApp, а во САД и како самостојна апликација. Компанијата ги повикува корисниците да ги проверуваат поставките и самите да изберат дали и што ќе објават.
Во меѓувреме, се поставува прашањето – дали јавните „AI фидови“ се иднината на интернет пребарувањето, или само нов ризик за приватноста?
Извор: BBC