Дали Трамп ќе вмеша прсти во евентуалното откажување на „South Park“?

Анимираната серија „South Park“, позната по тоа што со години вешто балансира на работ на дозволеното и легалното, можеби навистина е во опасност од откажување по премиерата на 27. сезона.

Две години по крајот на претходната сезона, серијата се врати со една од најконтроверзните епизоди досега, во која директно се исмева американскиот претседател Доналд Трамп и промените што ги воведе по враќањето во Белата куќа.

Но, не станува збор само за политичките шеги – во фокусот на првата епизода се најдоа и тензичните правни спорови меѓу Paramount, Трамп и креаторите на серијата, Треј Паркер и Мет Стоун, кои траат веќе неколку месеци. Епизодата дури отворено го поставува прашањето дали серијата ќе може да продолжи во иднина, навестувајќи дека евентуални нови тужби би можеле да го доведат проектот до крај.

Финалните сцени од премиерата беа особено симболични – гласовите на Паркер и Стоун, преку ликовите на Картман и Батерс, се простуваат како да е крај, што ги натера фановите да се запрашаат дали токму тоа беше и намерата на авторите: навестување на крајот на серијата што трае речиси три децении.

Во епизодата се појавува и Исус Христос, кој директно ја споменува можноста за укинување на програми како „The Late Show со Стивен Колберт“ и други проблеми на Paramount, дополнително влевајќи сомнеж во иднината на „South Park“. Картман, во еден момент, дури и реторички прашува како би можела серијата да продолжи во свет во кој сатирата повеќе не е јасно препознаена ниту прифатена.

Сепак, и покрај оваа драматична најава, од сериозно откажување засега нема ништо. Паркер и Стоун на овогодинешниот Comic-Con во Сан Диего изјавија дека сè уште не знаат што ќе се случува во следната епизода, а дури и трејлерот за новата сезона бил исполнет со измислени сцени. И покрај сè, судејќи според договорот што неодамна го потпишаа со Paramount, серијата е далеку од откажување.

Имено, станува збор за договор вреден 1,5 милијарди американски долари, кој ѝ овозможува на Paramount ексклузивни права за стриминг на сите постоечки и идни епизоди на платформата Paramount+. Согласно договорот, треба да се продуцираат по десет нови епизоди годишно во следните пет години. Со ваков договор штотуку започнат со премиерата на 27. сезона, „South Park“ најверојатно нема да исчезне – освен ако креаторите не отидат предалеку… нешто што веќе одамна го тестираат.

Извор: Comicbook

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни