Терапијата со матични клетки за губење на косата е нов метод кој стана популарен неодамна. Еве како функционира и на што треба да обрнете внимание пред да се одлучите за тоа.
Губењето од 50 до 100 влакна на ден обично не е причина за загриженост, но ако вашата коса се проретчува до тој степен што може да го видите голиот скалп овде и таму, тоа е проблем. Многу луѓе потоа почнуваат да менуваат шампони, да користат серуми или масла за коса, но има и релативно нов третман за опаѓање на косата – матични клетки. Иако оваа терапија сè уште не е одобрена од Американската агенција за храна и лекови (ФДА), таа е достапна во клиниките ширум светот. Пред да го пробате, важно е да знаете некои основни информации за овој третман.
Што е терапија со матични клетки?
Матичните клетки се специјализирани клетки кои можат да се обноват или да се трансформираат во други типови на клетки. Тие можат да ги заменат оштетените ткива во телото, а се користат во лекување на болести како леукемија, додека во последните години се истражува и нивната употреба во терапија за раст на косата. Според истражувањето објавено во списанието за пластична, реконструктивна и естетска хирургија во 2024 година, терапијата со матични клетки покажала позитивен ефект во зголемувањето на густината и дебелината на косата.
Како функционира терапијата?
Матичните клетки најчесто се инјектираат директно во скалпот, со помош на фина игла или игла специјално дизајнирана за овој тип на зафати. Матичните клетки може да се земаат од различни извори, како што е сопствената кожа или масно ткиво на пациентот или од донатор, а потоа клетките се обработуваат во лабораторија пред да се вратат во скалпот.
Овој третман ја подобрува циркулацијата на крвта, здравјето на фоликулите на косата и ја зголемува густината на косата. Тој е минимално инвазивен и нехируршки, но важно е да се изведува во професионална клиника со искусни лекари.
За најдобри резултати, се препорачува да не ја миете косата еден до два дена по третманот и да не го изложувате скалпот на сонце или груби производи најмалку една недела.
Дали е корисно за луѓе со целосно губење на косата?
Терапијата е најефикасна кај луѓе кои штотуку почнале да забележуваат опаѓање на косата. Ако некој е веќе целосно ќелав, терапијата нема да биде од корист бидејќи за раст на косата потребни се барем неколку преостанати фоликули.
Кога може да очекувате резултати?
Резултатите се јавуваат во три фази:
Првата фаза е намалување на опаѓањето на косата во период од еден до два месеци.
Втората фаза е растот на нови фоликули на косата, кој се јавува помеѓу третиот и шестиот месец.
Третата фаза е забележлив раст на косата и поцелосна фризура, што може да се забележи помеѓу шестиот и 12-тиот месец.
Терапијата со матични клетки дава долгорочни резултати, но важно е да се напомене дека генетиката игра голема улога во здравјето и изгледот на косата. Обично во првата година се потребни помеѓу 3-4 третмани. Овие сесии се распоредуваат во текот на неколку месеци (обично на секои 2-3 месеци). После тоа, за одржување на резултатите, се препорачува одржување (еден третман) секоја година или две, во зависност од специфичните потреби на пациентот и препораката на лекарот.
Кои се можните несакани ефекти?
Иако несаканите ефекти се минимални, тие може да се појават:
Црвенило, оток или осетливост на местото на лекување, кое трае неколку дена
Алергиски реакции ако се користат донаторски матични клетки, но ако користите сопствени клетки, шансите за реакција се минимални.
Извор: Healthshots.com/Zdravlje.kurir.rs
Прочитајте и кои тестови се потребни за да се дијагностицира опаѓање на косата – хормоналната нерамнотежа и недостатокот на витамини и минерали се најчестите причини.