Дали супер патиките влијаат врз резултатите на Олимписките игри?

Втората недела од Олимписките игри е посветена на алетиката. Во следните денови, илјадници спортисти ќе застанат едни покрај други и ќе се тркаат да бидат најбрзи на дистанци од 100 метри до цел маратон. Но, има еден проблем. Благодарение на „супер патиките“, не може точно да знаеме дали тој кој прв ја минал линијата е навистина најбрзиот, во вистинската смисла на зборот.

Подготовките за сите модерни Олимписки игри се полни со приказни за атлетски патеки и пливачки базени кои се дизајнираат за поставување рекорди. Но подобрувањето на перформансите што тие им го даваат на спортистите е еднакво за сите.

Во 2016 година се појавија првите супер патики, кои им помагаа на тркачите во маратонот. Сега, постојат и супер патики кои даваат сличен ефект на најдолгите трки на патеките во стадион.

Фото: Nike

На прв поглед, развојот и популарноста на овие супер патики значи дека времињата кои се трчаат ќе се намалуваат. Но, развојот на технологијата креираше и разлики поинакви од развојот на било која друга технологија изминатите години. Бенефитот од користењето на овие патики не е еднаков за сите спортисти кои ги користат истите патики.

Најслична споредба би била со таа во Формула 1, каде што болидот има голема улога во резултатот, а не толку самиот возач. Но во случајот со Ф1, истиот болид има исти предиспозиции или недостатоци за различните возачи. Со супер патиките сепак некои тркачи добиваат значително подобрување, додека останатите заостануваат користејќи ги истите патики.

Истражувањата покажуваат дека постојат тркачи на кои овие патики им одговараат поради нивната физиологија или стил на трчање и добиваат предност од неколку отсто. Во трките за кои обично се одлучува за многу помалку од половина процентен поен, тоа може да биде разликата помеѓу златниот медал и завршувањето надвор од подиум.

Клучен аспект за подобрувањето на супер патиките доаѓа од тоа како тие ја апсорбираат и враќаат енергијата од секој чекор, давајќи им на тркачите пружина во нивниот отскок. Ова значи дека тркачите со подолги и повеќе напнати чекори ќе бидат поразлично погодени од оние кои имаат порамен чекор. Интеракцијата помеѓу биомеханиката на различни спортисти и нивните обувки може да објасни зошто жените имаат тенденција да добиваат поголеми засилувања од мажите.

Поради тоа, резултатите кои ќе ги гледаме на атлетиката следниов период нема да бидат вистински показател за тоа кои од тркачите се најбрзи тркачи или пак се најбрзи тркачи, помогнати од одреден вид на патики.

Според Рос Такер, спортски научник, веројатно е дека доколку земеме двајца елитни атлетичари кои носат различни патики и им ги смениме, ќе добиеме сосема различни резултати.

Атлетските способности веќе делумно се детерминирани од разликите во физиологијата и биомеханиката. Прашањето е дали сега сме во ред со разликите кои претходно не беа важни, што сега одеднаш стануваат клучни како резултат на новата технологија.

Ситуацијата не е без преседан. Во 2008 година, револуционерните костими за капење LZR на Speedo со ниско триење овозможија уривање на десетици пливачки рекорди. Тие беа брзо забранети, а технологијата беше напуштена – не затоа што му даваа предност на носителот, туку затоа што големината на таа предност варира во зависност од големината и обликот на телото на носителот.

На спортот му се потребни комерцијални иновации, и за да се одржи интересот и да се обезбеди финансирање. Во случајот на супер патиките, се чини дека сме премногу зацапани за да се вратиме назад, па поради тоа на подиумот ќе биде тој на кој надобро му лежат патиките, а не нужно најбрзиот тркач.

Извор: Financial Times

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни