Дали студентскиот стандард е повторно цел на буџетски кратења?

По најавите за „историски инвестиции“ во високото образование, новите буџетски проекции откриваат пад од 7,3 милиони евра за студентскиот стандард, што ги отвора прашањата за конзистентноста и вистинските приоритети на државата.

Пред само неколку дена Владата најавуваше значителни вложувања во високото образование: зголемен буџет од 11.290 милиони денари, нови згради за ФИНКИ и ФФК, дополнителни 315 милиони денари за универзитетите и рекордни 773 милиони денари за научно-истражувачка дејност во 2026 година. Но веднаш по овие оптимистички најави, новите неофицијални буџетски проекции за 2026 откриваат спротивна слика – намалување на средствата за студентскиот стандард од 1,8 милијарди на 1,3 милијарди денари, што претставува кратење од 7,3 милиони евра.

Кратењето, иницирано преку работната верзија на буџетот на Министерството за финансии, предизвика остра реакција меѓу студентите, младинските организации и академската заедница. Прашањата што се отвораат се едноставни, но суштински: како е можно во истата недела да се зборува за „историски инвестиции“, а истовремено да се кратат средствата што обезбедуваат основни услови за студентски живот? Дали станува збор за долгорочна реформа или за политички пригодни пораки без реална основа?

Студентскиот стандард веќе со години е најранливиот сегмент во образованието. Условите во студентските домови се застарени, субвенционираниот студентски оброк останува на 140 денари и не ја следи инфлацијата, стипендиите не ги покриваат основните трошоци, а транспортните издатоци постојано растат. Во такви околности, секое кратење има сериозни последици, особено за студентите кои зависат од државната поддршка.

Оваа контрадикција меѓу најавените вложувања и конкретните кратења е најсилно забележана токму од оние кои најдиректно ги чувствуваат ефектите.

„Кратењето на буџетот ја разоткрива длабоката неконзистентност во образовните политики. Било какво кратење е понижувачко за студентите, особено кога се случува паралелно со промоција на мерки кои само декларативно изгледаат како поддршка, како субвенциите за електронски уреди, кои голем дел од студентите на крајот ги препродаваат или земаат таблет за нереални студентски потреби. Ова јасно покажуваат лоша распределба на средствата и неспособност да се одговари на реалните потреби на студентската популација.“ изјави Иларија Димулкова, студентка на УКИМ и претседателка на ФСС при Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Слична е оценката и на Дамјан Златановски, студент на УКИМ: „Минатата година како студенти ја поздравивме одлуката за кревање на буџетот за студентски стандард од 1.4 милијарди денари во 2024 на 1.8 милијарди во 2025, или, според МОН, најголем буџет за вакава цел до сега. За 2026 намалувањето на 1.3 милијарди не е само пониско од годинава, туку и од буџетот пред две години, што е загрижувачки ако се земе предвид дека овие средства главно одат за студентските стипендии кои и во овој износ се незадоволителни и субвенционираниот студентски оброк кој треба да расте според инфлацијата, а се уште стои на 140 денари. Со недефинирање на точките од кои ќе бидат скратени овие средства се јавува загриженоста дека студентитските барања за оброкот, стипендии и подобрени услови за домување и инфраструктура ќе останат неадресирани и следната година. “

На ова се надоврзува и Константин Темелковски, студент на УКИМ, кој предупредува и на останати системски недосатоци во високото образование: „Поголем проблем е несериозноста кај дел од професорите, но ваквото кратење сигурно би ја намалило желбата на студентите да останат да студираат овде.“

Ситуацијата останува проблематична и поради фактот што МОН сè уште нема излезено со јасни информации од кои категории би произлегло кратењето – дали од исхрана, стипендии, превоз, домови, инфраструктура или дигитална поддршка. Недостигот од транспарентност дополнително ја зголемува недовербата меѓу студентите.

Во европски контекст, трендовите се спротивни. Земјите од ЕУ ги зголемуваат вложувањата во студентскиот стандард, домувањето, субвенциите и дигиталната поддршка. Причината е јасна: младите се основен развоен ресурс. Намалувањето токму на оваа ставка во Македонија ја отвора дилемата дали земјата се движи во спротивна насока.

Парадоксот е очигледен: државата најавува историски инвестиции, но кратењето на најосновната поддршка ја разоткрива длабоката непредвидливост на политиките за високото образование. За студентите – ова не е само бројка, туку удар врз нивната секојдневна реалност.

Ако навистина сакаме силни универзитети, модерни лаборатории и млади научници, првиот и најважен чекор е јасен: да престанеме да штедиме на студентите. Без нив, ниту една инвестиција нема суштински ефект.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни