Дали страдате од дигитална деменција?

Дали постојаното користење телефони и социјални мрежи ја намалува меморијата и концентрацијата? Што е дигитална деменција, кои се симптомите и како да се заштитиме

Ако не можете да се сетите телефонски број без да го проверите именикот, ако паничите кога батеријата ќе падне под 20 проценти или ако снимате концерт наместо да уживате во него – добредојдовте во клубот. Не, немате дијагноза во здравствениот картон, но многу е можно да го имате она што со години се нарекува дигитална деменција.

Терминот звучи драматично, но приказната зад него е многу посуптилна – и многу поблиска до секојдневието отколку што мислиме, пишува City Magazine.

Што всушност е дигитална деменција?

Изразот во 2012 година го воведе германскиот психијатар и невронаучник Манфред Шпицер, опишувајќи појава во која прекумерната употреба на дигитални уреди доведува до слабеење на меморијата, концентрацијата и вниманието. Идејата е едноставна: ако телефонот памети наместо нас, мозокот престанува да се труди.

Зошто би паметеле броеви, патеки, родендени или дури сопствени мисли, кога сето тоа постои во апликацијата „Notes“? Проблемот настанува кога мозокот останува без тренинг, а вниманието се сведува на кратки, прекинати импулси – нотификации, пораки, бескрајно скролање.

Важно е да се нагласи: дигиталната деменција не е медицинска дијагноза. Не постои во официјалните класификации на болести. Но тоа не значи дека ефектите кои ги опишува не постојат.

Зошто имаме потреба сè да снимаме?

Психолозите со години забележуваат интересен парадокс на современиот живот: повеќе документираме отколку што доживуваме. На концерти, изложби, протести, па дури и во приватни моменти, телефоните се во воздух – како доказ дека сме „биле таму“.

Истражувањата покажуваат дека луѓето сè почесто го користат телефонот како продолжение на меморијата, но и на идентитетот. Не снимаме само за себе, туку и за другите – за мрежите, публиката, алгоритмите. Проблемот е што во тој процес вниманието се одзема од моментот, а сеќавањето станува површно.

Со други зборови: имаме снимка, но немаме спомен.

Дали технологијата навистина нè „затупува“?

Тука приказната станува поинтересна. Иако со години се зборуваше дека дигиталните уреди го „тапат“ мозокот, поновите големи истражувања нудат понеутрална слика, пишува City Magazine.

Се покажало дека проблемот не е во технологијата, туку во начинот на кој ја користиме. Пасивното скролање, постојаното префрлање на вниманието и мултитаскингот се поврзани со послаба концентрација и меморија. Но активната употреба на технологијата – учење, пишување, комуникација, решавање проблеми – може да има и позитивен ефект врз когнитивните функции.

Со други зборови, не е исто дали три часа гледате туѓи животи на Инстаграм или три часа го користите интернетот за да научите нешто ново, да разговарате, да создавате или да размислувате.

Симптоми што сите ги препознаваме

Ако се прашувате дали сте „во ризик“, еве неколку знаци кои станаа речиси универзални:

– тешко се фокусирате на една работа подолго од неколку минути
– постојано го проверувате телефонот, дури и без нотификации
– чувствувате нелагодност кога сте офлајн
– заборавате информации што порано лесно ги памтевте
– имате чувство дека мозокот ви е „постојано уморен“

Звучи познато? Не сте сами. Ова не е индивидуален проблем, туку колективна состојба на современото општество.

Што можеме да направиме?

Не, решението не е да го фрлите телефонот низ прозор и да се преселите на планина. Но малите правила прават разлика:

– помалку пасивно скролање, повеќе свесна употреба
– паузи без екран во текот на денот
– читање подолги текстови (да, сè уште е можно)
– вистински разговори без телефон на маса
– дозволување на мозокот да се – здосадува

Досадата, се испоставува, е еден од најдобрите тренинзи за креативност и меморија.

Дигиталната деменција како огледало на времето

Можеби дигиталната деменција не е болест, но е симптом на времето во кое живееме. Време во кое постојано брзаме, сè бележиме, а малку нешта навистина доживуваме.

Технологијата не ни е непријател – но не е ни неутрална. Таа ги засилува навиките што веќе ги имаме. Ако не внимаваме како ја користиме, лесно може да се случи таа да ни го памети животот наместо нас.

А тоа е луксуз што нашиот мозок, искрено, не би требало да го прифати, пишува City Magazine.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни