Понекогаш наутро сликите и настаните од сонот изгледаат живо и јасно, а понекогаш успеваме да фатиме само неколку нејасни делови. Едно од прашањата што одамна ги збунува научниците гласи: дали луѓето сонуваат во боја или во црно-бели тонови?
Иако многумина мислат дека соништата се како филм во боја, тоа не било секогаш така. До 1960-тите години, истражувачите сметале дека луѓето претежно сонуваат црно-бело. Во едно истражување од 1942 година, дури 70,7% од испитаниците изјавиле дека ретко или никогаш не гледаат бои во своите соништа.
Шеесет години подоцна, резултатите биле драстично различни: помалку од 20% од студентите рекле дека не сонуваат во боја. Научниците веруваат дека оваа промена е директно поврзана со појавата на телевизијата и филмовите во боја — луѓето родени во ерата на црно-белите екрани почесто пријавуваат монохроматски соништа.
„Соништата се субјективни искуства за време на сонот, а единствениот начин да им пристапиме е преку сеќавањето по будењето,“ објаснува Михаел Шредл, директор на лабораторијата за проучување на сонот во Централниот институт за ментално здравје во Германија.
Како и во реалноста, боите лесно можат да бидат заборавени ако се очекувани. „Жолта банана во сонот веројатно нема да остави впечаток, но ако видите неонски розева банана — тоа сигурно ќе го запомните,“ вели Шредл.
Исто така, ако некоја боја има лично значење за одредена личност, поголема е веројатноста таа да се појави во нејзините соништа.
Според професорот Ерик Швицгебел од Универзитетот во Калифорнија, прашањето можеби е погрешно поставено. Тој смета дека соништата не се нужно визуелни како филм, туку повеќе претставуваат ментални искуства кои не мора да имаат јасни бои или облици.
„Можно е она на што се сеќаваме наутро да не е исто со сликата што сме ја имале во сонот,“ вели тој. „Нашите соништа може да бидат замаглени и неодредени, а културата во која живееме — телевизијата, интернетот, филмовите — го обликува начинот на кој ги паметиме.“
Иако научниците сè уште немаат конечен одговор, едно е сигурно: начинот на кој ги доживуваме соништата не е ист кај сите луѓе — тој зависи од нашето сеќавање, искуство и светот во кој сме израснале.
Извор: N1info.rs