Патниците кои избираат нискобуџетни авио-компании често се прашуваат: дали пониската цена значи и повисок ризик за безбедноста? Со оглед на поевтините билети, почести доцнења и поскромна услуга, лесно е да се претпостави дека заштедата може да значи и компромис кога станува збор за безбедносните стандарди.
Меѓутоа, експертите за авијација, како и податоците од осигурителни компании, покажуваат токму спротивното, пренесува HuffPost.
Без разлика на цената на авиобилетот, безбедносните правила во воздухопловството не се предмет на преговори. Националните и меѓународните воздухопловни власти применуваат исти стандарди за сите авиопревозници – од најголемите светски авиокомпании до најмалите нискобуџетни оператори.
Џорџ Новак, претседател и извршен директор на Националната асоцијација на авиопревозници, истакнува: „На повеќето пазари, нискобуџетните авиокомпании се еднакво безбедни како и нивната поскапа конкуренција.“
Со други зборови, дури и најевтиниот лет не смее да полета доколку не ги исполнува истите безбедносни протоколи како и најскапите авио-превозници.