Дали рибите чувствуваат?

Истражувањата покажуваат дека одредени видови на риби може да учат, да чувствуват болка и да создаваат врски, што може да влијае врз начинот на кој луѓето се поставуваат кон ова животно, кое најмногу се јаде.
Фото: Diego Delso, delso.photo, License CC BY-SA

Кога научниците демонстрираа дека мала тропска риба може да се препознае во огледало, првата мисла на професорот Кулум Браун беше: „Ова е најкул нешто досега“.

Браун, еколог кој го истражува однесувањето и интелигенцијата на рибите на Универзитетот Мекквари во Сиднеј, вели дека тестот за самопрепознавање на огледалото – развиен во 1970-тите – се смета за златен стандард за доказ за визуелна самосвест кај животните.

Во студијата на Универзитетот во Осака Сити, на мал број риби им била ставена трага под грлото додека биле под анестезија. Кога им било дадено огледало, рибите ги ориентирале своите тела за да ја видат трагата и се обиделе да ја тријат со стругање по карпите.

Приматите, слоновите и делфините претходно го поминале овој тест. Но, резултатите за рибите се покажаа толку контроверзни што беа потребни пет години за да се објави истражувањето.

Дури и тогаш, многу научници одбија да ги прифатат резултатите.

Браун вели дека одговорот прекрасно ја покажува пристрасноста против идејата дека рибите се интелигентни – особено кога делови од научната заедница наместо тоа мислеле мислеле дека нешто не е во ред со тестот.

На глобално ниво, рибите се најјаденото животно. Тие се и најчестиот миленик и едно од главните животни што се користат во науката и медицинските истражувања. Сепак, Браун вели дека повеќето од јавноста едвај ги сметаат за животни.

Во последните децении, истражувачите покажаа дека заедно со визуелната самосвест, одредени видови имаат капацитет да учат, паметат, искусуваат болка и да формираат врски. Многу од овие квалитети подразбираат чувство, способност да се чувствуваат позитивни и негативни искуства.

„Науката е толку далеку пред општеството што ќе биде потребна монументална промена во човечкото однесување за да се израмни“, вели тој.

На пример, Браун вели дека популарната заблуда дека рибите имаат кратки сеќавања нема „апсолутно никаква основа“. Неговото истражување на ајкулите покажа дека тие се интелигентни и истражвачки суштества со долги сеќавања.

Тој е меѓу групата научници и филозофи што ја потпишаа Њујоршката декларација за свеста на животните претходно оваа година, која се обидува да го премости јазот помеѓу науката и општеството. Врз основа на докази, декларацијата вели дека постои „барем реална можност за свесно искуство кај сите ‘рбетници (вклучувајќи ги влекачите, водоземците и рибите)“.

Испитувањето на тестот со огледало доведе до повеќе студии, вклучително и едно објавено оваа недела, кое покажува дека рибите користат огледало за да ја проверат нивната големина пред да одлучат дали да нападнат друга риба. Рибите сега имаат најдобар поддржан доказ за кое било животно за самопрепознавање од огледало, вели Браун, но сепак „луѓето сè уште не веруваат во тоа“.

Болката кај рибите, која е важна од аспект на грижата за благосостојбата на животните, исто така е оспорена.

Вонредниот професор Ник Линг, рибен еколог од Универзитетот во Ваикато, вели дека е тешко да се дознае дали рибата чувствува болка „бидејќи не можете да го прашате тоа“.

Фото: Tohru Murakami/Flickr

Но, откривањето е важно, особено затоа што употребата на „зебра риба“ во медицински и научни експерименти масовно се зголеми, вели тој.

Повеќе од 5 милиони зебра риби се користат за истражување годишно за проучување на човечки болести, генетика, физиологија и развој на лекови.

„Можете да чувате илјадници од нив во лабораторија, многу едноставно и евтино“, вели Линг.

Линг вели дека истражувањето за тоа дали рибите доживуваат сензации како болка или страв, помина долг пат во децениите откако Џејмс Роуз, зоолог, тврдеше дека рибите не се способни за болка со оглед на нивната различна структура на мозокот од луѓето.

Оттогаш, плодното истражување на проф. Лин Снедон на Универзитетот во Гетеборг обезбеди докази дека некои коскени риби, како што е виножитната пастрмка, реакции слични на болка. На пример, забележано е дека пастрмката инјектирана со пчелен отров се лула од страна на страна и ја зголемува стапката на дишење преку жабрите.

Линг вели дека има потреба од слични студии кај други риби. „Има многу загрижености во јавноста за тоа како некои од овие харизматични видови, како големите ајкули, се третираат овие денови“.

Се чини дека ајкулите не поседуваат нервни клетки, наречени ноцицептори, кои овозможуваат чувство на болка, но тоа не е причина да се третираат лошо, вели тој.

Додека Линг прифаќа дека некои видови чувствуваат болка, тој е претпазлив во генерализирањето.

„Рибите се неверојатно разновидна група“, вели тој. Постојат илјадници видови кои се движат од огромни океански сончеви риби до мали риби долги само неколку милиметри.

Во биологијата, концептите како болка и чувство не се бинарни или јасни, вели тој. „Овие работи што се обидуваме да ги разбереме кај другите животни, како чувствата и емоциите, свеста и болката се навистина сложени нешта, бидејќи единственото животно за кое знаеме дека ги доживува тие работи сме ние самите ние“.

Психологот д-р Мајкл Филип, од Универзитетот во Кантербери во Нов Зеланд, вели дека ставовите на луѓето кон благосостојбата на животните се под влијание на нивните перцепции за способноста на тоа животно да размислува и чувствува.

На пример, неговото истражување покажува дека прифатливоста на евтаназија се зголемува за животните кои се „вкусни за јадење“, но се намалува за оние кои се сметаат за „убави“. Тој вели дека други истражувања покажуваат дека кога животните се категоризираат како храна или експериментални животни, тоа ги мотивира луѓето да ги негираат когнитивните способности на тие животни.

Во Нов Зеланд, експертите сега поставуваат прашања за почетокот на чувството кај рибите. Повеќето риби зебра кои се користат во истражувањето се мали и конкретно исклучени од заштита според Законот за благосостојба на животните. Но, советот од Националниот советодавен комитет за етика на животните вели дека има „убедливи докази кои сугерираат дека рибите стануваат чувствителни многу пред преминот од ларви во возрасни“.

Браун вели дека иако расправиите околу чувството, болката и перцепцијата на рибите може да изгледаат сложени, резултатот е јасен. „Ако тие имаат капацитет да страдаат и да чувствуваат негативни работи, тогаш ние имаме обврска да го спречиме тоа секогаш кога ќе наидеме на тоа“, вели тој.

„Би постапил со рибата како со кое било друго животно – крава, мачка, куче или птица – со ист вид на пристојност и почит кон животот на тоа животно.“

Извор: Гардијан

Најново

Последни колумни