Изневерувањето во врската предизвикува срам и осуда, а на оние што го набљудуваат им дава можност за злонамерни трачеви. Терапевтката Ана Вилијамсон во серијата подкасти „Афера“ смело проговори за неверството, отфрлајќи ја осудата и давајќи глас на секоја страна од приказната, пренесува РТС.
Аферите на познати личности ги полнат страните на таблоидите, а љубовните авантури во канцеларија се омилена тема во неформалните разговори меѓу колегите. Сите сакаме херој и негативец. Но, секогаш постојат две страни на приказната. Или, кога станува збор за неверство – три, па дури и четири.
Телевизиската водителка и семејна терапевтка Ана Вилијамсон во својот подкаст се обидува да ги нормализира разговорите за тоа зошто толку многу луѓе изневеруваат – гледано од перспектива на сите вклучени: личноста која изневерува и личноста која е изневерена.
„Неверството е нешто за што ретко зборуваме и е обвиено со стигма. Една од пет лица признава дека имала афера. Тоа е огромен број луѓе, а сепак темата е табу, осудувана и обележана со срам“, вели Вилијамсон.
Луѓето се фасцинирани од афери, додава таа, бидејќи или имале една, или се љубопитни и се прашуваат како тоа изгледа.
Иако таа не ја оправдува прељубата, нејзиниот пристап како терапевтка се заснова на концептот на безусловно позитивно прифаќање, развиен од американскиот психолог Стенли Стандал во 1954 година. Тоа значи прифаќање и вреднување на другата личност без осуда, без оглед на нејзините мисли, чувства или однесување.
„Никој не вели дека тоа е во ред, но ние не вперуваме прст. Неверството постои со векови – зошто да не се обидеме подобро да го разбереме? Можеби токму тоа ќе спаси некои врски“, објаснува таа.
Зошто луѓето изневеруваат?
Причината со која најчесто се среќавала Вилијамсон е – барање на емотивна поддршка. „Не се работи само за физичката страна. Историски, неверството било поврзано со брз секс. Но, во многу случаи, тоа е нешто многу подлабоко.
Најчесто се случува кога долгорочната врска веќе не ги исполнува луѓето. „Повеќето од оние со кои разговарав водеа длабоки и значајни разговори со личноста со која имаа афера – тоа за нив беше многу повеќе од обична авантура. Беа емоционално вклучени“, додава терапевтката.
Кој изневерува?
Нема еден тип на личност кој има афера. Се јавува во сите возрасти и општествени групи. Заедничка карактеристика е дека се работи за луѓе на кои нешто им недостасува во тековната врска, а тоа го бараат надвор од неа
Некои имаат ниска самодоверба, некои бараат потврда или бегство од реалноста.
Според статистиката, мажите имаат малку поголема веројатност да изневеруваат, но Вилијамсон смета дека тоа е резултат на општествени, а не биолошки фактори. „Во минатото, мажите имаа дозвола да изневеруваат. Денес, кога жените имаат еднакви права, и тие изневеруваат – и тоа под свои услови.“
Живот со вина
Мнозинството луѓе што имале афери чувствуваат силна вина, вели Вилијамсон. „Некои се способни да ја раздвојат врската од сопругот/сопругата, дури и да го/ја оцрнат партнерот за да си ги оправдаат постапките. Но, повеќето чувствуваат силни негативни емоции.“
Неверствата не се рационални. Хормоните како адреналин, допамин и кортизол играат голема улога – тие ја прават аферата возбудлива. „Сите со кои разговарав имаа каење, но исто така велат дека многу научиле од тоа искуство.“
Може ли врската да преживее?
Многу врски, според искуството на Вилијамсон, можат да се поправат и да станат дури и подобри по неверство – но тоа бара огромен труд.
„Клучно е да постојат апсолутна искреност, целосна вистина и искрено каење. Без тоа, не може да има вистинско заздравување.“
Дали треба да бидеме попустливи?
Тоа зависи од личноста што е повредена. Според терапевтката, не треба веднаш да се обидеме да ја „поправиме“ врската, туку да се даде простор за жал, за процесирање и рефлексија.
„Доволно е една личност да каже: ‘Се извинив, што повеќе да направам?’ – и со тоа да го затвори процесот. Тоа е предупредувачки знак дека не се направила вистинска внатрешна прочистеност“, вели Вилијамсон.
Потребно е време, заеднички труд и споделено прифаќање на болката за да се продолжи понатаму. „Некои луѓе не можат да го направат тоа – и тоа е сосема во ред.“