Дали поскапува Нутела? Еве зошто…

Љубителите на познатиот чоколаден крем Нутела можеби наскоро ќе мора да плаќаат повисока цена за својот омилен производ. Причината е најсилниот пролетен мраз во последната деценија, кој значително го намалил родот на лешници во Турција.

Италијанската компанија Фереро, која ја произведува Нутела, користи приближно четвртина од целата турска годишна жетва на лешници. Лешникот учествува со околу 13% во составот на Нутела, а компанијата произведува милиони тегли годишно.

Според податоци на Блумберг, големопродажната цена на лешниците во Турција – земја што обезбедува околу 65% од светската понуда на лешници – пораснала за приближно 30% од април, а се очекува трендот на раст да продолжи.

Од „Фереро“ порачуваат дека временските непогоди навистина може да влијаат врз снабдувањето од Турција, но засега не очекуваат прекин во испораките, бидејќи дел од потребите ги покриваат преку алтернативни извори од Италија, Чиле и САД.

Сепак, Меѓународниот совет за јаткасти и сушени плодови предупредува дека глобалниот пазар не може целосно да ја надомести турската жетва.

Оваа потенцијална несташица доаѓа во период кога потрошувачите веќе се погодени од поскапувања на кафе, какао и маслиново масло, исто така поради климатски промени и екстремни временски услови.

Според експертите, климатските промени сè почесто предизвикуваат прерано цветање на овошките, по што тие стануваат многу поранливи на доцните мразеви.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни