Дали планетава прегрева: најтопли три години во историјата

Последните 11 години се најтоплите досега, а климатските прагови се поминуваат побрзо отколку што предвидуваа научниците

Последните 11 години се најтоплите досега забележани на глобално ниво, а Европа се загрева значително побрзо од светскиот просек. Ова не е изолиран податок, туку јасен и конзистентен тренд што го потврдуваат најрелевантните климатски сервиси во светот.

Според податоците на Copernicus Climate Change Service, 2025 година беше третата најтопла година и глобално и во Европа, веднаш по рекордните 2024 и 2023 година. Токму овие три години ја дефинираат средината на оваа декада како најтоплиот период откако се вршат инструментални мерења.

Колку беше топло во 2025 година?

Глобалната просечна температура во 2025 година изнесуваше 14,97°C. Тоа е за 0,59°C повисоко од просекот за периодот 1991–2020 и за 1,47°C над прединдустриските нивоа (1850–1900). За споредба, 2024 година (најтоплата година досега забележана) имаше глобален температурен просек од 15,1°C, додека 2023 година достигна 14,98°C. Разликата меѓу 2025 и рекордната 2024 е само 0,13°C, што јасно покажува колку светот е блиску до состојба на трајно надминување на критичните температурни прагови.

Особено алармантно е што првпат еден тригодишен период (2023–2025) ја надмина границата од 1,5°C над прединдустриските нивоа – праг кој во Парискиот договор од 2015 година беше поставен како клучна долгорочна цел за ограничување на глобалното затоплување и избегнување на најтешките климатски последици, а не како нешто што би се достигнало веќе во оваа деценија.

Две главни причини за рекордната топлина

Извештаите на Коперникус укажуваат на две клучни причини за екстремната топлина во овој период. Првата е континуираното натрупување на стакленички гасови во атмосферата. Постојаните емисии на јаглерод диоксид, заедно со намалената способност на шумите и океаните да го апсорбираат, создаваат „топлинска замка“ околу планетата.

Втората причина се исклучително високите температури на површината на океаните. Појавата на Ел Нињо (природен климатски феномен што периодично го загрева тропскиот Пацифик и влијае врз временските обрасци ширум светот), заедно со други облици на океанска варијабилност, делува како засилувач на веќе постојните климатски промени. Дополнителни фактори, како промените во аеросолите, ниската облачност и варијациите во атмосферската циркулација, го заокружуваат овој комплексен, но јасно загрижувачки климатски мозаик.

Европа: трета најжешка година, но најбрзо загревање

И Европа во 2025 година ја забележа својата трета најтопла година досега. Просечната температура на континентот изнесуваше 10,41°C, што е 1,17°C над референтниот период 1991–2020. За споредба, 2024 година беше најтоплата со 10,69°C, а 2020 година втора со 10,43°C – разлики што се минимални, но значајни во климатска смисла.

„Овој извештај потврдува дека Европа и светот се наоѓаат во најтоплата деценија досега“, изјави Флоријан Папенбергер, генерален директор на European Centre for Medium-Range Weather Forecasts. Неговата оценка дополнително ја нагласува сериозноста на европската климатска позиција: иако континентот е постуден од глобалниот просек, тој се загрева побрзо од кој било друг дел на светот.

Последните 11 години – 11 најтопли години

Податоците покажуваат дека последните 11 години се истовремено и 11-те најтопли години досега регистрирани глобално. Со сегашното темпо на затоплување, границата од 1,5°C од Парискиот договор може да биде достигната уште до крајот на оваа деценија – повеќе од десет години порано од првичните проекции.

„Ова е недвосмислен доказ за трендот кон потопла клима“, предупредува Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени на Коперникус, додавајќи дека светот опасно брзо се приближува до поставената температурна граница.

Рекордна топлина и екстремни временски појави

Иако 2025 година е „само“ трета најжешка во просек, во многу региони беа забележани рекордни температури. Освен Антарктикот, тие ги погодија северозападниот и југозападниот Пацифик, североисточниот Атлантик, делови од Азија и северозападна Европа. Јули 2025 година донесе глобален температурен просек од 16,68°C – 0,45°C над нормалата за 1991–2020.

Овие бројки не се апстрактни. Тие се манифестираа преку топлотни бранови, силни бури во Европа, Азија и Северна Америка, како и преку катастрофални шумски пожари во Шпанија, Канада и Јужна Калифорнија.

Европа како најбрзо загреан континент

Иако европскиот температурен просек е понизок од глобалниот, стапката на затоплување е значително повисока. Според податоците на Food and Agriculture Organization of the United Nations, во 2023 година глобалната температурна промена на копно достигна +1,8°C над базата 1951–1980, додека во Европа изнесуваше +2,4°C. Истата година, сите 10 земји со најголемо зголемување на температурите беа европски.

Во 2025 година, глобалната температура беше 0,59°C над просекот 1991–2020, додека европската беше дури 1,17°C над истиот период – јасен сигнал дека климатските ризици на континентот се интензивираат побрзо. Ова е особено значајно ако се земе предвид дека Европската унија формално е обврзана со низа климатски политики и законски акти, вклучително и Европскиот климатски закон и целите на Европскиот зелен договор, кои предвидуваат климатска неутралност до 2050 година и значително намалување на емисиите уште во оваа деценија.

Што следува?

Повисоките температури веќе ѝ нанесуваат сериозна штета на европската економија, со очекувани загуби во БДП и продуктивноста во наредните години. Како што нагласува Папенбергер, подготвеноста и превенцијата сè уште се можни, но само ако политиките се водат од цврсти научни докази. Средината на 2020-тите не е предупредување за иднината – таа е јасен показател дека климатската криза веќе е сегашност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни