Многумина од нас не можат да си го замислат утрото без шолја кафе, но ново истражување предупредува дека ова популарно пијалок може да ја наруши ефикасноста на одредени антибиотици.
Кафето е еден од најомилените пијалаци во светот и дел од утринскиот ритуал на милиони луѓе. Познато е по бројни придобивки: го поттикнува работeњето на срцето, го поддржува здравјето на цревниот микробиом и дава енергија кога будењето не оди лесно, пренесува T portal, а објавува n1info.rs.
Сепак, нова студија укажува дека кафето може да има и несакани ефекти – особено кога станува збор за лекови како што се антибиотиците.
Како кафето влијае на антибиотиците?
Научници од Германија и Шведска, во истражување објавено во Plos Biology, откриле дека кофеинот може да го намали дејството на ципрофлоксацинот – антибиотик кој често се користи за инфекции на уринарниот тракт, бронхитис, па дури и циститис.
Во лабораторија биле тестирани 94 различни супстанци на бактеријата E. coli, која природно живее во дигестивниот систем, но може да предизвика инфекции во одредени ситуации. Кофеинот се покажал како супстанца што ја намалува способноста на бактеријата да го апсорбира антибиотикот, вклучувајќи го ципрофлоксацинот (познат и како Цифлокс).
„Податоците покажуваат дека кофеинот може да влијае на генетската регулација на бактериите, што го менува нивниот одговор на лековите“, објаснува Кристоф Бинсфелд, микробиолог од Универзитетот во Вирцбург и главен автор на студијата.
Со други зборови, пиењето кафе за време на антибиотска терапија може да ја намали ефикасноста на лекувањето. Истражувачите утврдиле дека специфичен протеин во кафето влијае на реакцијата на бактеријата на антибиотикот, а кофеинот предизвикува низа настани кои доведуваат до намалена апсорпција на лекот, додава Ана Рита Брокадо, коавторка на студијата и биоинженер од Универзитетот во Тибинген.
Треба да се напомене дека експериментите се направени во лабораторија, па сè уште не е целосно јасно колку шолји кафе може да влијаат на дејството на антибиотикот кај луѓето. Ова прашање ќе треба дополнително да се истражи.
Претходни сознанија за интеракција помеѓу кафе и лекови
Ова не е прв пат да се забележи интеракција помеѓу кофеинот и лековите. Според експерти од Harvard Medical School, кафето може да ја намали ефикасноста на лекови како антидепресивите (флувоксамин, есциталопрам) и до 33%. Истото важи и за лекови кои го регулираат крвниот притисок, лекови за астма, па дури и за додатоци на железо – се препорачува пауза од 2 до 3 часа помеѓу земање железо и пиење кафе.
Иако кафето е омилен пијалок на милиони луѓе ширум светот, во комбинација со одредени лекови може да го намали нивното дејство. Најдобро е да бидете внимателни и да се консултирате со лекар или фармацевт за времето на земање лекови во однос на шолјата од вашиот омилен пијалок.