Дали паметните телефони ни го оштетуваат телото повеќе отколку што мислиме?

Сѐ повеќе луѓе чувствуваат болки во вратот од долготрајна употреба на телефони, но научниците се сомневаат дека тоа е вистинска медицинска состојба.

Положбта на наведната глава што луѓето ја прифаќаат додека користат телефони или таблети може да предизвика дополнителен притисок на вратот. Но, дали тоа навистина е медицинска состојба – или само уште една модерна здравствена паника?

Часови поминати во гледање во екранот можат да доведат до зголемена болка во вратот, а некои извори дури предупредуваат на хронични оштетувања, нарушена телесна положба и дегенерација на ‘рбетот.

И не е изненадувачки со оглед на нашите навики. Според последните податоци, просечен човек поминува 4 часа и 37 минути дневно на својот телефон – што е еквивалент на еден цел ден неделно или шест дена месечно. Дневното време пред екран се зголемило за 7,9% од 2013 година, што значи речиси 30 минути повеќе секој ден.

Кога главата е наведната под агол од 60 степени, тежината што ја трпи вратот се зголемува од околу 5 кг на повеќе од 27 кг, што предизвикува значителен притисок на вратниот дел од ‘рбетот и околните структури.

Неколку неодамнешни истражувања поврзуваат честата употреба на телефони со мускулно-скелетна болка, со анкети што покажуваат дека 50–84% од корисниците чувствуваат непријатност во вратот, рамената или горниот дел од грбот. Кај децата, некои студии покажуваат дека до 70% од оние кои поминуваат 5–8 часа дневно пред екран чувствуваат болка во вратот.

Не според професорот Јан Хартвигсен, епидемиолог на Универзитетот во Јужна Данска и еден од водечките истражувачи за болки во ‘рбетот.
„Краткиот одговор е – не го сметам за вистинска медицинска состојба.“ вели тој

Хартвигсен вели дека доказите за „техно врат“ се слаби. Многу студии се мали, базирани на само-анкетирање или користат методологија која не може да утврди причинско-последична врска.

Тој го споредува ова со претходни здравствени паники поврзани со нови технологии. „Кога се појавиле првите возови, се верувало дека патувањето со голема брзина е штетно за грбот. Потоа, кога се појавија компјутерите во 90-тите, имавме епидемија на болки во грбот и рацете поради употребата на глушецот. Денес, речиси и не зборуваме за тоа.“

Секако, тоа не значи дека болката во вратот не е реална. Таа е една од најчестите мускулно-скелетни поплаки во светот, особено кај канцелариски работници и студенти. Стручњаците препорачуваат редовни паузи, физичка активност и одржување на добра положба за да се намали болката и да се спречи замор.

Но, Хартвигсен нагласува дека болката е мултифакторска – поврзана со стрес, спиење и седентарен начин на живот – и не е само резултат на гледање во телефон.
„Вратот е силна структура, оформена преку милиони години еволуција. Не е особено ранлив. Повреди можат да настанат при сообраќајни несреќи, насилство или контактни спортови – но не и од секојдневни активности.“

Дополнително, неговиот тим неодамна направи систематски преглед за British Journal of Sports Medicine со анализа на над 100 студии, и не најде докази дека болките во вратот се зголемуваат кај младите, и покрај рекордното време поминато пред екрани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни