Дали „One More Time“ е најважната денс песна на сите времиња?

Од „Discovery“ до денешните сетови и новата генерација артисти, „One More Time“ останува симбол на моментот кога денс музиката стана и масовна, и авангардна.

„One More Time“ на Daft Punk излегува на 13 ноември 2000 година и станува момент кога француското дуо од култен клубски проект прераснува во глобален поп феномен. Песната, завршена уште околу 1998, свесно е „задржана“ додека да се склопи албумот “Discovery”, затоа што токму таа го носи преминот од суровиот, филтриран хаус на „Homework“ кон поп‑фантазијата и future‑disco естетиката на новиот милениум. Вокалот на Romanthony, икона од андерграунд хаус сцената, намерно е тешко обработен и машинизиран, во време кога таквиот звук сè уште се сметаше за провокација, а не за норма.

Како е склопена и зошто е важна?

Основата на „One More Time“ е диско‑фанк семпл, агресивно исечен, хармониски повторуван, над кој Daft Punk градат 4/4 грув со карактеристично „згмечен“ и компресиран звук. Таа комбинација од ретро‑диско основа и дигитална, роботска обработка создава впечаток на музика што истовремено гледа наназад и напред. Тоа е формула што ќе стане основа за францускиот „French touch“ и за целиот поп‑ориентиран хаус од 2000‑тите. „One More Time“ беше на врвот на повеќе европски топ‑листи, стана нивен најголем клубски хит и често е прогласувана за една од најважните денс песни на сите времиња, токму затоа што убедливо покажува дека електронската музика може да биде и радикално клупска, и безрезервно поп.

Fred again ни покажа дека оваа трака не старее

Две и пол децении подоцна, „One More Time“ останува обврзна точка во историјата на електронската музика, а нејзиното влијание е видливо и во новата генерација артисти. Симболичен момент за тоа се заедничките сетови на Fred again.. и Thomas Bangalter, во кои оваа трака повторно се јавува како кулминација, како жива врска меѓу ерата на „Discovery“ и денешниот пост‑жанровски клубски пејзаж. Во таа нова поставеност, „One More Time“ е носталгичен рефрен, но и вечен потсетник на основната идеја на Daft Punk – дека музиката може да биде и масивен поп спектакл, и интимно, но и колективно доживување на подиумот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни