Дали избегнувањето пластика е залуден труд? Научниците велат – не баш

Пластиката денес е речиси неизбежна – ја внесуваме преку воздухот, храната и водата. Секоја година во океаните завршуваат околу 11 милиони тони пластика, а до 2040 година оваа бројка би можела да се утрои.

Истовремено, научниците откриваат микропластика во човечки бели дробови, дигестивниот систем, мозокот, па дури и во плацентата.

Иако ефектите врз здравјето сè уште се истражуваат, раните откритија укажуваат дека изложеноста на микропластика би можела да биде поврзана со зголемен ризик од срцев удар, мозочен удар, белодробни заболувања и нарушувања на цревата. Сепак, научниците сè уште немаат цврсти докази дека пластиката директно ги предизвикува овие состојби.

Во ваква состојба на неизвесност, многумина се прашуваат:
дали навистина вреди да се вложи напор за намалување на личната употреба на пластика – или е тоа залуден труд?

За да добиеме одговор, новинарката Оливија Ферари разговараше со двајца експерти кои го проучуваат влијанието на пластиката врз животната средина и здравјето: Брита Бахлер, директорка за истражување на пластичниот отпад во Ocean Conservancy, и Даглас Вокер, истражувач на микропластика и јавно здравје на Универзитетот „Емори“. Тие откриваат како лично ја намалуваат изложеноста на пластика и што сметаат дека е разумен пристап.

Зошто е добро да размислиме посериозно за нашата употреба на пластика?

Вокер:
„Во пластичните материјали се користат повеќе од 16.000 различни адитиви, а за голем дел од нив немаме никакви токсиколошки податоци. Не знаеме дали се штетни. Она што секогаш ме изненадува е колку висока може да биде нашата изложеност на пластика и хемикалиите поврзани со неа. Микропластиката е во воздухот што го дишеме, но веројатно најголемиот извор е храната и водата.“

Бахлер:
„Околу 1.300 морски видови се регистрирани како видови што внесуваат пластика. Ние веќе имаме основани причини за загриженост. Микропластика е пронајдена на врвот на Монт Еверест, но и во Маријанската Ровина, таа навистина е насекаде.

Затоа е важно да се спречи нејзиното ослободување уште во нашите домови. Сепак, не станува збор за перфекционизам, туку за свесност.“

Како лично се справувате со пластиката во секојдневието?

Вокер:
„Звучи парадоксално, но додека зборуваме седам во автомобил полн со пластика и држам телефон со пластично куќиште. Многу материјали едноставно немаат алтернатива.

За мене, идеален ден во кој избегнувам пластика е ден кога минимизирам храна што била во контакт со пластика. Она што секогаш го избегнувам е подгревање храна во пластични садови, топлинаа може да ги ослободи молекулите од материјалот.“

Извор: National Geographic

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни