Дали навистина се потребни 20 минути за да сфатите дека сте сити?

Сте почувствувале глад, сте седнале да јадете, и за кратко – чинијата е празна. А потоа, одеднаш – ви станува тешко, премногу сте сити, како да ќе пукнете. Зошто се случува ова?

Истражувањата покажуваат дека постои временски јаз меѓу моментот кога телото веќе има доволно храна и моментот кога мозокот конечно сфаќа дека сме сити – тој јаз трае околу 20 минути. Но многумина не го знаат тоа, па продолжуваат да јадат, мислејќи дека сè уште се гладни. Тоа често доведува до прејадување и зголемување на телесната тежина.

Зошто мозокот доцни со информацијата дека сме сити?

Постојат повеќе механизми преку кои мозокот го препознава чувството на ситост, објаснува д-р Нина Нанди, гастроентеролог од Тексас и претставник на Американското здружение за гастроентерологија. Првиот механизам е преку хормоните: грелин (кој го стимулира апетитот) и лептин (кој го намалува апетитот). Дополнителни хормони како PYY, GLP-1 и инсулин исто така ја засилуваат ситоста.

Но, хормоните патуваат низ крвотокот и им треба подолго време за да стигнат до мозокот. Од друга страна, нервните сигнали кои регистрираат растегање на желудникот се побрзи, но сепак, сите овие информации мора да се соберат и обработат за да стигне пораката: „Доста е, сити сме!“.

Кои фактори влијаат врз тоа колку брзо ќе се почувствуваме сити?

  • Видот на храната: Храна богата со растителни влакна – како овошје, зеленчук и интегрални житарки – побрзо ја активира ситоста. Таа го намалува нивото на грелин, го стимулира лачењето на хормоните што го намалуваат апетитот и создава механички притисок врз желудникот.
  • Брзината на јадење: Колку побавно јадеме, толку повеќе време има телото да ја препознае ситоста. Тука доаѓа и концептот на „свесно јадење“ – кога обрнуваме внимание на секој залак, подобро ги чувствуваме сигналите од телото.
  • Начинот на џвакање: Темелното џвакање не само што помага за варењето, туку и ја засилува повратната сензорна врска со мозокот и го забрзува препознавањето на ситоста.

Совет за крај?

Наместо да се прејадуваме, подобро е да јадеме побавно, да уживаме во храната и – доколку можеме – да застанеме кога ќе изедеме околу 80% од планираното. Така, мозокот ќе има време да сфати дека сме веќе сити, нема да внесеме непотребни калории и ќе ја чуваме нашата тежина – без чувство на лишување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни