Според Светската здравствена организација (СЗО), мистериозната и смртоносна болест Х, којашто многу брзо се шири во Демократската Република Конго всушност би можела да биде маларија, имајќи предвид дека 10 пациенти кај кои е дијагностицирана болеста, се позитивни на болести коишто се пренесуваат векторски. Маларијата е болест предизвикана од паразити, а кај луѓето се пренесува преку убод од заразен комарец (вектор).
,,Од 12-те првично собрани примероци, 10 се позитивни на маларија, иако би можело да станува збор и за повеќе од една болест. Ќе бидат земени дополнителни примероци за да се утврдат точните причини”, велат од СЗО.
Мистериозна болест од која се заразија над 400 луѓе, а 79 починаа, се појави во руралното гратче Панзи, во Конго. Најголем број од болните и смртните случаи се кај деца помали од 14 години. Имајќи предвид дека жителите на овој дел на Конго се соочуваат со неухранетост и мал е процентот на вакцинација, децата се изложени на најголем ризик од заразни болести.
Болеста Х во Конго се манифестира со висока температура, кашлица, вртоглавица, главоболка и растечен нос. Кај потешките случаи, отежнато е дишењето, се појавува слабокрвност и сериозни знаци на неухранетост. Врз основа на овие симтоми научниците се сомневаат дека може да станува збор за акутна пневмонија, Ковид -19, сипаници и маларија.
,,Имајќи ја предвид клиничката слика, пријавените симптоми и неколкуте смртни случаи, како потенцијално причина се земаат предвид акутната пневмонија, Ковид -19, сипаници и маларија, во комбинација со неухранетоста како фактор којшто придонесува”, додаваат од СЗО.