Искусен пилот верува дека го пронашол одамна изгубениот авион на Амелија Ерхарт на оддалечен пацифички остров со помош на Google Earth, речиси 90 години по нејзиното исчезнување.
Џастин Мајерс тврди дека на GPS снимки забележал докази кои укажуваат на остатоци од мал авион кој пропаѓа на островот Никумароро, за кој истражувачите одамна претпоставуваат дека би можел да биде последната дестинација на познатата пилотка и нејзиниот легендарен авион „Lockheed 10-E Electra“, пренесува NY Post.
Мајерс, кој речиси 25 години работел како пилот, изјавил дека се заинтересирал за мистеријата околу исчезнувањето дури откако изгледал документарец за Амелија Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан и нивниот обид за обиколка на светот во 1937 година.
Кога започнал да ги пребарува сателитските снимки, рекол дека се обидувал „да се стави во нивна кожа“, како што изјавил за Popular Mechanics. Користејќи сопствено пилотско искуство, почнал да размислува каде би слетал принудно лесен двомоторен авион во нивната ситуација, изгубен и со малку гориво.
Се фокусирал на рамна област на островот Никумароро, мал остров на државата Кирибати кој се наоѓа помеѓу Хаваи и Фиџи, блиску до центарот на Тихиот Океан, и забележал темен објект долг околу 39 стапки (околу 12 метри), што одговара на должината на авионот на Ерхарт.
Понатаму детално го анализирал подрачјето и тврди дека пронашол и други делови од авион, вклучително и мотор, според објава на неговиот блог.
„Суштината е“, изјавил Мајерс за Popular Mechanics, „врз основа на мојот интерес уште од детството за стари авиони и истраги на авионски несреќи, можам да кажам дека тоа е нешто што некогаш било двомоторен авион долг околу 12 метри од постара генерација. Она што не можам да го кажам е дека тоа сигурно е Електра на Амелија.“
Минатата година, оваа долгогодишна мистерија повторно привлече внимание кога истражувачи од Универзитетот Пурдју тврдеа дека воздушна фотографија од 1938 година дава „многу силни“ докази дека уште една аномалија на Никумароро, позната како „Taraia објект“, би можела да биде остатоци од авионот на Ерхарт.
Снимка од необичен метален објект кој се наоѓа под вода во лагуната на островот Никумароро била направена една година по исчезнувањето на пионерката на авијацијата.
Тим од 15 истражувачи планирал да го посети островот во ноември за дополнителни истражувања на случајот, но патувањето е одложено за 2026 година.