Дали гинеколошките нарушувања го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања?

Хроничното воспаление, хормоналната нерамнотежа и метаболичките проблеми, како што е отпорноста на инсулин, може да придонесат за ризик од срцевви заболувања

Според една нова студија, некои гинеколошки нарушувања, како што е ендометриозата, може да се поврзат со поголем ризик од срцеви заболувања и состојби кои влијаат на мозокот.

Истражувачите прегледале 28 студии кои опфатиле над 3 милиони индивидуи и ги разгледале гинеколошките нарушувања, вклучувајќи ендометриоза, синдром на полицистични јајници (PCOS), болни менструални периоди (дисменореа) и неправилни менструални циклуси

„Решивме да ја разгледаме потенцијалната врска на гинеколошките нарушувања со кардиоваскуларните болести бидејќи срцевите болести остануваат причина број еден за смрт во светот, а разбирањето дали луѓето со овие состојби се соочуваат со зголемен ризик е важен дел од превентивната здравствена сложувалка“, изјави Метју Леонарди, асистент – професор на Универзитетот МекМастер во Канада и еден од авторите на студијата.

Според наодите објавени во списанието Heart, луѓето со барем едно од гинеколошките нарушувања имале 28% поголем ризик од кардиоваскуларни или цереброваскуларни болести. Цереброваскуларни болести можат да влијаат на протокот на крв во мозокот.

Зголемениот ризик беше особено забележлив за лицата со ендометриоза или PCOS, што е состојба која влијае на тоа како функционираат јајниците на жената.

„Друго интересно откритие беше дека, во некои студии, овој зголемен ризик се чинеше дека се манифестира релативно рано во животот, што сугерира дека раната интервенција или следењето може да направи разлика на долг рок“, рече Леонарди.

Мета-анализата не сугерираше зголемен ризик за смртност кај пациенти кои страдаат од едно од гинеколошките нарушувања.

„Студијата е додаток на зголемениот број докази дека немалигните гинеколошки заболувања не се само локализирани здравствени проблеми, туку може да имаат системски ефекти кои би можеле да го зголемат ризикот од кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести, изјави д-р Рејчел Бонд, кардиолог во медицинската групација „Дигнити Здравје“ во САД.

Хроничното воспаление со низок степен, хормоналната нерамнотежа и метаболичките проблеми, како што е отпорноста на инсулин, може да играат улога во поврзувањето на различните состојби, велат експертите.

„Овие механизми веројатно се преклопуваат и се зајакнуваат еден со друг, нагласувајќи ја сложеноста на поврзувањето на гинеколошкото и кардиоваскуларното здравје“, рече Леонарди.

Инаку, според Светската здравствена организација (СЗО), кардиоваскуларните болести како што се срцевите заболувања и мозочниот удар се водечка причина за смрт на глобално ниво. Во земјите на Европската унија, овие болести претставуваат 43% од смртните случаи кај жените и 36% од смртните случаи кај мажите.

„Апелираме да бидат проактивни, но не и вознемирени“, вели Леонарди, советувајќи ги пациентите со гинеколошки нарушувања да бидат внимателни за кардиоваскуларните фактори на ризик како што се крвниот притисок, холестеролот и тежината.

„Можеби ќе сакаат да разговараат за почести или рани прегледи со нивните лекари, особено ако се на долготрајни хормонски третмани или имале хируршки интервенции“, додаде тој, споменувајќи ги и навиките за здраво срце, како што се редовно вежбање, соодветна исхрана и менаџирање на стресот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни