Во новата учебна година во Грција, воведена е строга забрана за користење мобилни телефони за време на наставата. Мерката, поддржана од 86% од јавноста, наставниците и родителите, резултираше со 10.700 суспензии на ученици од почетокот на годината, соопшти министерот за образование, религија и спорт, Кирјакос Пиеракакис.
Ова не е казнена акција, туку дел од напорите за воспоставување пофокусирана и безбедна училишна средина. Со слоганот „мобилниот во ранец“, целта е да се заштитат децата од дигиталните одвлекувања и да се поттикне поголема концентрација на учење.
Каква е ситуацијата во Македонија?
Во Македонија, користењето мобилни телефони во училиштата е тема на постојани дискусии. Некои училишта имаат воведено правила за оставање на телефони на посебни места, но досега нема национална стратегија или унифицирани мерки. Искуството на Грција може да биде поучно за нашата образовна средина, особено ако се земе предвид сè поголемото влијание на дигиталните уреди врз менталното здравје и академскиот успех на учениците.