Меѓународниот ден на жената, кој се одбележува секоја година на 8 Март, е глобален ден посветен на признавање на социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените, но и јасен повик за конкретни активности за постигнување родова еднаквост. Тој ја нагласува потребата од општество ослободено од предрасуди, стереотипи и дискриминација, во кое се обезбедуваат еднакви можности, правичен третман и инклузивност за сите.
Оваа година се одбележуваат 115 години од почетоците на организираното движење за работнички и политички права на жените. Во 1911 година, повеќе од еден милион жени и мажи учествувале во првите масовни собири, барајќи право на глас, подобри услови за работа и крај на дискриминацијата. Подоцна, во 1977 година, Обединетите нации официјално го признаа 8 Март како Меѓународен ден на правата на жените и меѓународниот мир, со што овој датум доби институционална тежина и се утврди како глобален симбол и на напредокот и на континуираната борба за еднаквост.
„Меѓународниот ден на жената не е само ден на честитки, туку ден на отчет и одговорност. Во Македонија, сè уште се соочуваме со структурни родови јазови – во платите, во управувачките позиции и во економската моќ. Предрасудите и социјалните норми продолжуваат да го обликуваат пристапот на жените до лидерство и ресурси. Затоа, нашата заложба мора да оди подалеку од формалните механизми и квоти – потребна е долгорочна трансформација на ставовите, институциите и корпоративната култура. Родова еднаквост не е само вредност, таа е предуслов за одржлив економски развој, стабилна демократија и конкурентно општество.” – вели претседателката на GEA, Нина Ангеловска Станков.
По повод 8 Март и месецот на жената, партнерите и поддржувачите на GEA од бизнис секторот ја нагласуваат важноста на активната улога на компаниите во создавањето инклузивни работни средини и еднакви можности за напредување. Според нив, поддршката за женското лидерство, транспарентните политики за еднаква плата и инклузивната корпоративна култура не се само прашање на вредности, туку и предуслов за посилни и поодржливи компании.
Во рамки на одбележувањето на 8 Март, GEA започнува и комуникациска кампања која има за цел да поттикне поширока јавна дискусија за родовите стереотипи и нивното влијание врз начинот на кој носиме одлуки во општеството.
Со што е исполнето модерното колективно секојдневие и општество, особено во моментите кои навистина значат? Кога станува збор за одлуки од големо значење – дали е поважно вреднувањето и моќта на „посилниот глас”, или нешто многу поедноставно и суштинско: знаењето, одговорноста и професионалноста? Дали традиционалните предрасуди кои ги наследуваме, свесно или несвесно, од генерација во генерација треба да останат релевантни во најкритичните моменти од животот? Или е време општеството да се води од вистинските вредности – компетентност, интегритет и еднакви можности?

Со оваа кампања, Алијансата за родова еднаквост на работното место ја повикува јавноста да размисли што навистина е важно кога се носат одлуки од големо значење – дали предрасудите што постојат во општеството, или вредностите кои создаваат подобро и поправедно општество. Каков неочекуван апел подготвува GEA како дел од оваа кампања, ќе биде откриено наскоро.
Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија која е посветена на создавање инклузивна работна култура и промовирање еднакви можности за сите. Алијансата се залага за три главни столба: еднаква застапеност на мажи и жени на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа и еднакви можности за напредок. Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско Друштво, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Property One Group, Aristocrat, Avenga Academy, IdeaLab и EOS Мatrix.
Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.