Дали е безбедно да се патува во Тајланд по силниот земјотрес?

И покрај неодамнешниот разорен земјотрес што го погоди соседен Мјанмар и се почувствува и во Тајланд, тајландските власти уверуваат дека земјата останува безбедна туристичка дестинација.

Земјотресот со јачина од 7,7 степени по Рихтер, кој се случи на 28 март, предизвика уривање на зграда во изградба во близина на познатата пазарна зона Chatuchak во Бангкок. Овој настан предизвика загриженост кај туристите, особено во поглед на безбедноста на висококатниците во главниот град.

Сепак, Тајландската туристичка организација останува оптимистична. Според нив, претстојниот фестивал Сонгкран, кој се одржува средината на април и претставува најголем национален празник, ќе генерира приходи од 26,5 милијарди бахти (околу 763 милиони долари), што е за 8% повеќе во споредба со минатата година. Околу 476.000 странски туристи се очекуваат да го посетат Тајланд во овој период.

Министерството за туризам потврди дека долгорочните проекции остануваат непроменети – во 2025 година се очекуваат околу 38 милиони странски посетители. Иако по земјотресот биле откажани околу 1.000 хотелски резервации, се верува дека влијанието на катастрофата ќе биде краткотрајно.

Од Тајландското здружение на хотелиери предупредуваат дека земјотресот може да влијае врз туристичката атмосфера за време на фестивалот Сонгкран. Се очекува привремен пад на туристичките приходи од 10% до 15% во двете недели по земјотресот, пред состојбата да се стабилизира.

„Уривањето на зградата во Chatuchak стана вирален момент на интернет, што дополнително ја поттикна загриженоста за безбедноста“, се вели во извештајот на здружението, кое апелира на итна изградба на доверба меѓу туристите.

Тајландските власти и претставници од секторот за недвижности реагираа брзо. Спроведени се темелни инспекции, а од Советот на инженери уверуваат дека постоечките објекти се изградени според најсовремени сеизмички стандарди. Некои хотели дури и директно ги информираат гостите и персоналот за безбедноста на своите објекти.

Хотелот Lebua Hotels & Resorts издаде соопштение во кое потврди дека нивниот објект во State Tower во Бангкок не претрпел никакви оштетувања. На нивната веб-страница секојдневно се објавуваат најнови безбедносни информации, инженерски извештаи и визуелни документи кои ја потврдуваат структурната стабилност на зградата.

Покрај се, Тајланд ужива зголемена популарност благодарение на третата сезона на популарната HBO серија The White Lotus, која беше снимана на островот Кох Самуи. Дополнително, со легализацијата на истополовите бракови од јануари 2025 година, земјата се позиционира и како една од водечките дестинации за геј венчавки во регионот.

Во 2024 година, Тајланд го посетиле околу 35 милиони странски туристи, што е само пет милиони помалку од рекордната 2019 година, според податоците на Светската банка.

Тајландските власти гарантираат безбедност, туристичката инфраструктура е стабилна, а атмосферата на фестивалот Сонгкран и понатаму привлекува посетители од целиот свет. Ако планирате патување – проверете ги информациите од доверливи извори, но нема потреба од паника.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни