Дали диетата со малку сол е исто толку нездрава како и онаа со премногу сол?

Некои научници предупредуваат дека прекумерното ограничување на внесот на сол може да биде речиси исто толку ризично како и нејзиното претерано консумирање. Каде е вистината?

Натриумот, основната состојка на солта, е клучен за рамнотежата на течностите, преносот на кислород и правилното функционирање на нервниот систем. Сепак, повеќето луѓе ширум светот внесуваат двојно повеќе сол од препорачаното. Светската здравствена организација советува дневен внес од најмногу 2 грама натриум (околу 5 грама сол), но просечниот глобален внес достигнува речиси 11 грама дневно.

Само околу една четвртина од солта ја додаваме самите во храната – најголемиот дел се наоѓа „скриен“ во индустриски преработените производи: леб, сосови, супи, житарици, месни производи и готови оброци.

Истражувањата постојано укажуваат дека премногу сол го зголемува крвниот притисок, што води до мозочни удари и срцеви заболувања. СЗО проценува дека прекумерниот внес на натриум предизвикува околу 1,9 милиони смртни случаи годишно. Една мета-анализа покажала дека само 5 грама повеќе сол дневно го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести за 17%, а ризикот од мозочен удар за 23%.

Намалувањето на солта има обратен ефект. Според осумгодишно британско истражување, падот на дневниот внес на сол за 1,4 грама придонел за значително намалување на смртноста од срцеви и мозочни заболувања.

Последниве години, некои научници тврдат дека диетата со премалку сол може да биде штетна. Неколку студии сугерираат дека ризикот од срцеви заболувања расте и при многу низок внес (под 5–6 г) и при висок внес (над 12 г), што го претставува во облик на „J-крива“ на ризикот.

Една контроверзна студија објавена во списанието The Lancet опфати 130.000 луѓе и покажа дека умерениот внес (од 7,5 до 12,5 г сол дневно) е поврзан со најмал ризик од кардиоваскуларни заболувања. Авторите заклучија дека намалувањето од „висок“ кон „умерен“ внес е корисно, но дека дополнително намалување нема здравствена придобивка.

Сепак, овие резултати беа остро критикувани од повеќето здравствени експерти, кои укажаа на методолошки пропусти и можни судири на интереси со прехранбената индустрија.

Не секој реагира исто на солта. Осетливоста зависи од фактори како што се возраста, етничката припадност, телесната тежина и семејната историја на хипертензија. Кај некои лица, дури и мал внес на сол може значително да го покачи притисокот, додека други се помалку чувствителни.

Најголем број нутриционисти и понатаму препорачуваат умерен пристап – околу 3 до 6 грама сол дневно. Ова количество е доволно за физиолошките потреби, но не го зголемува ризикот од заболувања. Наместо целосно избегнување, експертите советуваат внимателност кон скриената сол во преработената храна и употреба на природни зачини.

Некои истражувања покажуваат дека внесот на калиум (преку овошје, зеленчук, јаткасти плодови и млечни производи) може да ги ублажи штетните ефекти на солта врз крвниот притисок.

Иако неколку студии укажуваат дека и премалку сол може да биде штетно, научниот консензус е јасен: прекумерната сол без сомнение го зголемува ризикот од висок крвен притисок и срцеви заболувања. До тогаш, најздравиот совет останува – не претерувајте, но ни целосно не ја исфрлајте солта од исхраната.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни