Дали DeepSeek навистина е толку револуционерен? Кинеската компанија која направи хаос на пазарот, се соочува со проблеми

На крајот, DeepSeek-R1 претставува импресивно технолошко достигнување, но неговата долгорочна улога во AI индустријата останува неизвесна. Иако може да се каже дека предизвика преиспитување на глобалните AI играчи, прашањето за неговата одржливост и натаму е отворено

Кинескиот AI старт-ап DeepSeek го претстави на светот својот најнов модел, DeepSeek-R1 и ги потресе глобалните пазари и во AI истражувачката заедница. Првите на удар беа американските технолошки гиганти кои на 27 јануари 2025 година се соочија со огромен пад на вредноста на компаниите. Nvidia загуби речиси 600 милијарди долари од пазарната капитализација, што доведе до пад на вредноста на акциите за 17% во еден ден. Nvidia во тој понеделник изгуби 24,20 долари по акција и остана со вредност од 118,42 долари по акција. Иако годината само што започна, компанијата бележи пад од 11,8% во 2025 година, иако претходно имаше добивки од 171% во 2024 и 239% во 2023 година.

Акциите на Vertiv Holdings, клучен играч на пазарот на инфраструктурата за дата центри, паднаа за 29,9%, додека енергетските компании, кои претходно растеа поради очекувањата за зголемена побарувачка за AI, а условени со фактот дека AI бара големи количини енергија за своето функционирање, исто така забележаа остри загуби.


Овој пазарен пресврт во голема мера беше предизвикан од тврдењето на DeepSeek дека неговиот AI модел е 20 до 50 пати поевтин за користење од OpenAI-овиот модел о1, во зависност од задачата која AI треба да ја обработи. Овој момент, познатиот инвеститор од Силиконската долина, Марк Андресен го спореди со лансирањето на советскиот сателит Спутник 1957 година што ја започна вселенската трка, која голем дел го обликуваше развојот на технологијата за време на Студената војна. Меѓутоа, уште постојат сомнежи дали влијанието на DeepSeek навистина е толку револуционерно како што тврдат неговите поддржувачи.


Без оглед на овие контроверзии, DeepSeek привлекува внимание благодарение на своите драстично пониски трошоци. Кинескиот старт-ап, основан во 2023 година и раководен од младиот математичар Лианг Венфенг, разви open-source AI модел кој по перформансите се покажува како достоинствен конкурент на водечките американски модели, но по неспоредливо пониска цена. Компанијата објави дека тренингот на еден од нејзините основни модели чини само 5,6 милиони долари, што е многу пониско од буџетите кои ги користат западните конкуренти. Меѓутоа, оваа ценовна предност има своја позадина. Додека DeepSeek нуди AI услуги по значително пониски цени, тие се во голема мера овозможени благодарение на државните субвенции. Овој модел Кина го користела и претходно како полуга за својата економска стратегија – масовно производство и агресивно намалување на цените за да го истисне конкурентот пред да го зацврсти своето пазарно доминирање и подоцна да ги зголеми цените. Оваа пракса предизвикува сомнежи во долгорочната одржливост на DeepSeek.

И покрај сето ова, постои и проблем во врска со приватноста на податоците и цензурата на содржините. За разлика од OpenAI и западните AI модели, кои, и покрај одредени ограничувања, дозволуваат релативно слободен проток на информации, DeepSeek работи во согласност со строгите регулации на Комунистичката партија на Кина. Прашањата кои се однесуваат на чувствителни теми – како што е политичкиот статус на Тајван или масакрот на плоштадот Тијанмен – или се игнорираат или се пренасочуваат кон официјалните државни наративи. Дополнителна непријатност и загриженост создаваат кинеските закони за национална безбедност кои ги обврзуваат сите граѓани и домашни компании во Кина да соработуваат со и да ги подредат своите активности на националните безбедносни интереси кога тоа ќе биде побарано и да не информираат никого за тоа. Ова ефективно значи дека кинеската држава има право да ги подреди секој поединец или компанија на тајни служби задачи и тие се очекува да соработуваат и да ги држат информациите во тајност.

На крајот, DeepSeek-R1 претставува импресивно технолошко достигнување, но неговата долгорочна улога во AI индустријата останува неизвесна. Иако може да се каже дека предизвика преиспитување на глобалните AI играчи, прашањето за неговата одржливост и натаму е отворено. Американските технолошки гиганти како што се OpenAI, Meta и Alphabet се подготвени да одговорат со нови инвестиции и да постават темели за интензивна технолошка трка. Иако DeepSeek чека долга и тешка битка со веќе утврдени играчи кои имаат огромни бази на корисници и многу месеци искуство, што во оваа, најбрза индустрија, е како една деценија во другите, едно е сигурно. Конкуренцијата и ривалството од ваков тип секогаш носи корист за глобалната економија и сите крајни корисници. Како што вселенската трка донесе огромен напредок во науката и инженерството, така и конкуренцијата во AI може да ги забрза иновациите и да ја направи технологијата попристапна за сите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни