Додека вчера во јужна Франција се одржа вежба за алармирање од цунами, експертите предупредуваат – прашање е не дали, туку кога ќе се случи.
Сместен на периферијата на Париз, францускиот центар за алармирање од цунами (CENALT – CENtre d’ALerte Tsunami) можеби физички е далеку од морето, но неговата улога е клучна – тој може да спаси илјадници животи.
Цунамито: ретко, но реална закана
Иако катастрофи од обемот на цунамито во Индискиот океан во 2004 година (со околу 250.000 жртви) се исклучително ретки, во Европа – особено во Средоземјето – цунамито не е толку невообичаено. Од почетокот на 20 век досега, таму се забележани околу 100 цунами, што е приближно 10% од сите глобално регистрирани во тој период.
Дури и во североисточниот Атлантик, каде што се смета дека е поретко, се случуваат околу 5% од цунами катастрофите – меѓу кои и едно од најпознатите:
Земјотресот во Лисабон, 1755
„Најмоќното познато цунами на Атлантикот било предизвикано од земјотресот во Лисабон во 1755 година“, вели Елен Ебер, национален координатор на CENALT. Со јачина блиска до 8.5 степени по Рихтерова скала, тој ги уништил Лисабон, Кадиз, делови од Мароко и убил илјадници луѓе. Брановите стигнале дури до југозападна Англија и Ирска.
„Ова се случува на секои 300 до 500 години. Може да се случи утре или во следниот век но знаеме дека ќе се случи“, предупредува Ебер.
Планот на Франција: Аларм во рок од 15 минути
Во новиот модерен објект на CENALT, кој работи 24/7, тим од експерти ги следи стотици сеизмички станици. Кога ќе се детектира потрес, информациите веднаш се обработуваат. Се утврдува дали потресот има потенцијал да предизвика цунами, а потоа се испраќа тревога до надлежните власти – во рок од 15 минути.
Системот користи и мерни станици за плимата за да се утврди нивото на морето и сериозноста на заканата. Настанот добива една од трите алармни категории: жолта, портокалова или црвена, во зависност од проценката на ризикот.
Најголем ризик од цунами во Франција имаат Ница, Антиб, Кан и другите градови на Азурниот Брег. Тие се најизложени на ефектите од потенцијално силен потрес во западниот Медитеран или околу Северна Африка.
Центарот CENALT беше формиран во 2012 година, како дел од глобалната иницијатива на УНЕСКО за системи за алармирање од цунами, откако светот беше шокиран од катастрофалниот настан во Југоисточна Азија.
Иако е мала веројатноста за катастрофа од апокалиптички размери, дури и „помалите“ цунами можат да предизвикаат голема штета и загуби. Затоа, Франција инвестира во брзи, прецизни и автоматизирани алармни системи, но и во едукација и вежби – како денешната симулација на југот од земјата.
Целта е јасна: да се добијат тие први 15 минути – клучни за евакуација и спас на животи.