Понеделникот веројатно беше најтешкиот ден за британскиот премиер сер Кир Стармер откако ја презеде функцијата –но на крајот може да се покаже и како пресвртница што ќе му ја зацврсти позицијата.
Во текот на денот, дел од лабуристичките пратеници отворено размислуваа за негова смена. Министерот за енергетика Ед Милибанд дури изјави дека партијата „гледала во понорот“. Иако прашањето дали лабуристите ќе застанат зад Стармер доби привремен одговор, многу дилеми сè уште остануваат, анализира Би-би-си.
Дали Кир Стармер засега е безбеден?
Краткиот одговор – да. Но, само по сериозна политичка драма. Во понеделникот попладне, лидерот на шкотските лабуристи Анас Сарвар бил подготвен јавно да побара оставка од премиерот, додека поголемиот дел од кабинетот молчел. Во Вестминстер владеело убедување дека Стармер можеби нема да го дочека крајот на денот како премиер.
Пресвртот дојде кога заменик-премиерот Дејвид Лами јавно порача дека „огромниот мандат“ што го добил Стармер мора да се почитува. По таа објава следеше лавина поддршка од министрите, пратениците и влијателни членови на Лабуристичката партија.
Зад сцената, најтесниот круг на Стармер организирал интензивна „одбранбена операција“, со директни повици до министрите и јасни инструкции за јавно изразување поддршка. Во разговорот со Сарвар, Стармер наводно возвратил со клучни прашања: кој би го заменил, со каков план и дали тоа навистина би ѝ помогнало на партијата.
Колку долго трае таа сигурност?
Поддршката што ја доби не е безусловна. Дел од пратениците јасно ставаат до знаење дека таа важи „до следната криза“. Особено значајни ќе бидат локалните и регионалните избори во мај 2026 година, како и дополнителните избори во Гордон и Дентон, каде лабуристите се под притисок и од левицата и од десницата.
Некои во партијата предупредуваат дека нова внатрешна бура може да избие за помалку од три недели.
Каква е улогата на Вес Стритинг?
Министерот за здравство Вес Стритинг е сè почесто спомнуван како потенцијален наследник. Неговата одлука самостојно да ги објави WhatsApp-пораките со лорд Манделсон предизвика сомнежи за лични амбиции, иако тој тврди дека стои зад премиерот и дека фокусот му е на здравствениот систем.
По тој потег, Кабинетот испратил јасна инструкција до министрите да не го следат примерот на Стритинг, што дополнително ги подгреа шпекулациите за затегнати односи во врвот на власта.
Кои се другите можни наследници?
Меѓу имињата што кружат се Ангела Рејнер, Шабана Махмуд, Џон Хили и Ед Милибанд. Но, според анализите, ниту еден од нив засега нема јасна и силна поддршка, што е една од главните причини зошто Стармер и понатаму опстојува на чело на партијата.
Ќе има ли промени во Даунинг стрит?
Во последните денови заминаа шефот на кабинетот Морган МекСвини и директорот за комуникации – четврта таква промена за помалку од една година. И покрај тоа, тимот на Стармер добива пофалби за начинот на кој ја стабилизирал ситуацијата, па премиерот засега не брза со нови кадровски решенија.
Ќе се менува ли владината политика?
Ова е, според многумина, најважното прашање. Дел од лабуристите бараат Стармер да биде „похрабар“ и поизразено левичарски. Контроверзните одлуки и честите промени на курсот веќе создадоа тензии во пратеничката група.
Иако неговиот настап пред лабуристичките пратеници беше дочекан со аплауз, останува фактот дека го очекуваат сериозни политички судири – од реформите во образованието до социјалната политика. Како што резимира еден скептичен пратеник: „Може да преживееш една битка, но ако постојано губиш поддршка во сопствената партија, кризата само се одложува.“
