Далај Лама го слави 90. роденден: „Мојот наследник ќе ја продолжи борбата за слободата на Тибет“

Тибетскиот духовен лидер во егзил, Далај Лама, денеска го прослави својот 90. роденден заедно со илјадници будистички верници и поддржувачи од целиот свет во својот манастир во МекЛеод Ганџ, Индија. Во традиционална будистичка облека и со насмевка, тој порача:„Имам 90 години, но сè уште сум физички подготвен. Во времето што ми преостанува, ќе продолжам со сета сила да се посветувам на доброто на другите.“

Далај Лама најави дека наскоро ќе објави важна порака во врска со своето наследство, што се смета за политички врв на неделните прослави. Иако во изминатите години постоеја навестувања дека би можел да биде последниот во овој духовен континуитет, денешната изјава упатува на можно продолжување на „циклусот на реинкарнација“, што го поддржува мнозинството Тибетанци.

Далај Лама, роден како Тенцин Гјатсо, е идентификуван како реинкарнација на претходниот водач на само две години, според будистичката традиција. Од 1959 година живее во егзил во Индија, откако кинеската армија насилно го задуши тибетанското востание во Ласа.

„Нашите искрени молитви се за долг живот на Тенцин Гјатсо, заштитникот на Земјата на снегот – нека живее сто еони“, пееја монасите облечени во црвени руво.

Кина го обвинува Далај Лама дека е сепаратист и бунтовник, додека тој за себе вели дека е „обичен будистички монах“. Стравувањата меѓу тибетанската заедница во егзил се зголемени – се претпоставува дека Кина ќе се обиде да назначи свој „наследник“ на духовниот водач, со цел да ја зацврсти контролата врз Тибет, регион кој го окупира од 1950 година.

Прославите на роденденот ќе продолжат до крајот на неделата, со посебни молитви и културни настани посветени на мирот, слободата и зачувувањето на тибетанскиот идентитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни